Го тужат синот оти сѐ уште немаат внук, бараат оштета од 650.000 долари!

од Nikola Popovski

Брачен пар од Индија решил да го тужи синот пилот кој „сеуште не планира бебе“ по шест години брак и бараат отштета, бидејќи целата своја заштеда ја потрошиле на синот и на неговиот брак.

Индискиот пар бара нивниот син и неговата сопруга или да им дадат внук во рок од една година или да им дадат пари во готовина – речиси 650.000 долари.

Сањев и Садана Прасад велат дека ја потрошиле својата заштеда за „да го подигнат и едуцираат синот пилот и да организираат раскошна свадба.“

„Мојот син е во брак шест години, но сè уште не планира бебе“, рекол парот во поднесокот поднесен до судот во Харидвар, каде покрај тоа пишува: „Кога би имале внук со кој би можеле да поминуваме време, нашата болка би била поднослива“.

Надоместокот што тие го бараат – 50 милиони рупии (646.000 долари) – ги вклучува трошоците за свадба во хотел со пет ѕвезди, луксузен автомобил вреден 80.000 долари и плаќање на меден месец за младенците во странство.

Родителите издвоиле и 65.000 долари за нивниот син да се обучи за пилот во САД, а се вратил невработен во Индија.

„Моравме да земеме кредит за да си ја изградиме куќата и сега поминуваме низ многу финансиски тешкотии. А психички сме доста во неволја, живееме сами“, велат родителите на пилотот.

Адвокатот на парот, Арвинд Кумар, изјавил дека сослушувањето во судот во северна Индија ќе се одржи на 17 мај.

Индија, инаку, има силен традиционален заеднички семеен систем кој вклучува соживот на неколку генерации кои често живеат во исто домаќинство.

Сепак, во последниве години трендот се промени, така што младите парови претпочитаат да ги напуштат родителите или браќата и сестрите, а жените, како во овој случај, одлучуваат да работат наместо да се фокусираат на раѓање деца и останување дома.

Слични содржини