Ѝ го убиле сопругот па ја силувале: Прво судење на руски војници за сексуално насилство во Украина

од Stefanija Kuzmanovska

Украина денеска се очекува да одржи подготвително рочиште на првото судење на руски војник обвинет за силување на Украинка за време на војната, пишува „Ројтерс“. Ова е прв од десетината вакви случаи.

Обвинетиот 32-годишен Михаил Романов не е во притвор во Украина и ќе му се суди во отсуство. Русинот е обвинет за убиство на цивил на 9 март во регионот на главниот град Киев и за повеќекратно силување на сопругата на убиениот маж, според судските записи.

Руското Министерство за одбрана не одговори веднаш на писменото барање за коментар, а „Ројтерс“ не можеше да дојде до осомничениот војник. Москва ги отфрли обвиненијата за воени злосторства.

Силувал 33-годишна жена откако ѝ го убил сопругот

Романов е обвинет за силување на 33-годишна жена, откако тој и друг руски војник го застрелале нејзиниот сопруг Олексиј во селото Боданивка североисточно од Киев. Двајцата војници потоа заминале и подоцна се вратиле уште два пати за да ја силуваат жената, според судските записи. Идентитетот на другиот војник не е утврден.

Обвинителот кој работи на случаи на сексуално насилство изјави за „Ројтерс“ дека се истражуваат до 50 такви злосторства извршени за време на војната во Украина, но дека бројот на случаи на сексуално насилство извршени од руски војници веројатно ќе биде значително поголем.

Официјални лица, активисти и лекари рекоа дека многу силувани Украинки не сакале да контактираат со полицијата и обвинителството поради страв од руската стигма и одмазда. Портпаролот на Основното обвинителство изјави дека обвинителот по денешното рочиште може јавно да се произнесе за судењето.

Украина вели дека истражува илјадници потенцијални воени злосторства извршени за време на руската инвазија која започна на 24 февруари. Главниот обвинител Ирина Венедиктова изјави за „Ројтерс“ дека многу од осомничените се во Русија, но дека некои од нив биле заробени во Украина како воени заробеници.

Слични содржини