Годината на Мицкоски

од desk4

Мицкоски се етаблира како лидер на ВМРО-ДПМНЕ без да има идеолошка платформа, најмногу благодарение на фактот дека членството молчешкум го следи првиот човек и поради тоа што го најде идеалното прибежиште – национализмот

    
Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE (picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski)

Во основа, Христијан Мицкоски може да биде задоволен од својата прва година во високата политика. Како аутсајдер и во неговата партија и во македонската јавност тој успеа да се етаблира како лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Иако не со целиот капацитет каков што го имаа неговите двајца претходници, очигледно е дека тој веќе ги има конците во свои раце, барем што се однесува до раководните органи. Но не е сосем јасно што се случува со мрежата на теренот и особено со пратеничката група. Кај вмровското членство и неговите поддржувачи има една константа сиве овие години – тие застануваат молчешкум зад лидерот, па макар и не се согласувале со неговите постапки, ставови и одлуки. Тој рефлексен инстинкт на членството му го олесни патот на Мицкоски во неговото етаблирање, кој заедно со огромната  желба инстантно да се прикаже како лидер со политички капацитет, скрши многу недоверби, сомневања, потценувања и перцепцијата за негово дворско инсталирање.

Мицкоски има чувство за новото време и за новите медиуми, па патот кон лидерството го поплочуваше користејќи ги социјалните мрежи на многу екстензивен начин. Тоа го олесни неговиот допир до многумина. Понекогаш тоа може да изгледа поважно од самата содржина на пораките. Неговото појавување речиси секаде каде што ќе го повикаат – во весниците или телевизиите – го направија поинаков од неговите претходници. Тој покажува дека е гладен да се изложи себеси пред јавноста, да се надмудрува со новинарите, да се обидува да поентира, всушност – да се кали како политичар.

Медиумите имаат објаснива воздржаност кон вмровските лидери. Неговиот претходник ги избегнуваше (освен оние што беа партиски испостави) не сакајќи да троши време на незгодни прашања, поинаков вокабулар, на претставите што ги имаа другите за начинот како владее со земјата. Можеби затоа што е опозиционер Мицкоски верува дека медиумската присутност е вистинското гориво кое ќе ја прикаже неговата политичка габаритност и ќе почне да ги креира перцепцииите во јавноста дека еден ден може да биде идниот македонски лидер. Веројатно искуството од професурата му ја олеснуваа таа задача – тој бил во постојан контакт со нормалниот свет, а не требало да созрева во политичките ходници. Изгледа дека тој би се појавувал и секој ден на телевизиите само со постојаното повторување на едни исти теми да може да убеди што е можно повеќе граѓани дека она што го зборува е вистинското. Некои тоа би го нарекле упорност, други желба за докажување, трети дека тоа е камуфлажа за политичка несигурност.

 Арогантна нарцисоидност

Тоа е она што него го прави различен од менторот Никола Груевски. Но тоа не е доволно за изградба на еден лидер. Тоа можеби е доволно за влегување во светот на високата македонска политика, но е драматично малку за да стане дел од регионалната политика, а да не зборуваме кога треба да се зачекори на европската сцена. Многумина можат да кажат дека една година е малку за да се конципра лидерство во една толку комплицирана партија како ВМРО-ДПМНЕ, која во исто време е и толку едноставна, но таа година на Мицкоски му даде многу шанси да покаже од каков политички материјал е создаден и да направи отклон од нејзиното националистичко минато, да фати дел од модерноста и да ја стави партијата на друг колосек кој ќе води од десно кон центарот. Наместо тоа, тој се определи да ја забрза локомотивата од десно кон длабокиот десен бескрај.

  Неговиот претходник Груевски ја освои наклоноста на граѓаните во првите две години, претставувајќи се како модерен десничарски технократ, кому идеолошката платформа му ја обезбедија редица конзервативни филозофи, социолози, политиколози, плус стручната помош на партиските побратими од Германија. Две години подоцна Груевски помисли дека картата на национализмот е единствената која може да биде победничка во тоа време и ја отфрли идеолошката конзервативна платформа па тргна со брз марш кон автократскиот патриотизам.

Кога ќе се погледне структурата околу Мицкоски јасно се гледа дека нема некоја разработена идеолошка платформа, туку бегство кон идеалното прибежиште на радикалните структури во партијата – национализмот. Примери има многу: од оценките за преговорите со Грција, а потоа потпишувањето на Преспанскиот договор, до окарактеризирањето на оние што извршија упад во Собранието како вистински македонски патриоти, најпосле до бесмислените калкулации со референдумот. Најголемиот проблем на Мицкоски и камарилата околу него е што тој не пројави ни минимална јасна желба да направи отклон од политиката на Груевски во последните 3-4 години, туку само се обиде да ѝ даде една малку помека медиумска глазура, а во основа тој ја помести таа националистичка политика кон радикалниот спектар во неговата партија. Па дури и кон оние христијанско-патриотски друштва, кои неговиот претходник ги користеше како скриена логистика, а Мицкоски јавно кокетира со нив.

За клучното прашање – дали Христијан Мицкоски има внатрешен материјал и карактер да биде следниот лидер на Македонија, проникливиот комуниколог и аналитичар, Петар Арсовски, има прецизни одговори. Еве што вели Арсовски:

„Лидерскиот профил на Мицкоски е составен од неколку елементи. Од една страна, тој е оптоварен со лични елементи: притисокот создаден од фактот што е избран како в.д. на Груевски, неговиот личен синдром на нарцисоидност, недостатокот на искуство кое се манифестира како Фројдовска компензација со арогантност. Тие работи прават за него да биде тешко реално да ја процени ситуацијата, сопствената позиција и објективност, како и да постави реални и правилни политичко-идеолошки цели.

Од друга страна, тој е опкружен и со објективни проблеми: наследи партија која е политички  лепрозна, обвинета со серија кривични прогони од претходните елити, турната на крајната десна страна на политичкиот спектар, меѓународно изолирана и преполнета со националисти, па со тоа заглавена на погрешната геостратешка линија. Во ваква ситуација, тешко дека ќе може да ја преобрази: би требало да признае дека бил грешка, да ги отстрани националистите, да ја ребрендира партијата и да ја направи модерна, прозападна, центар-десница. Овие услови, имајќи предвид дека се кумулирани, засега изгледа дека е новозможно да се отстранат“.

Иднината – тоа сум јас

Она што Арсовски го нарекува „Фројдовска компензација со арогантност“ можеше да се забележи на неколку пати оваа година. Еден од тие примери беше епистоларијата со високиот функционер на Стејт департментот, Вес Мичел, кој ја покажа драматичната дискрепанца меѓу два различни света. И во која со несфатлив аматеризам, зачинет со херојско мачеништво, Мицкоски се обидуваше да му одговори зошто ги отфрла американските забелешки за политиката на неговата партија околу Преспанскиот договор. Таа „Фројдовска компензација со арогантност“ почна уште со првата реченица на писмото-одговор: „Со посебно внимание го прочитав Вашето писмо…“ и така заврши до крајот со метафората за темнината.

Неговиот „личен синдром на нарцисоидност”, како што вели Арсовски, беше манифестиран и некни по којзнае кој пат. Во интервју за Сител, обидувајќи се да направи дистинкција со побегнатиот поранешен лидер, Мицкоски го изјави ова: „Никола Груевски е минато во ВМРО-ДПМНЕ, иднината во партијата сум јас“. Во сета плурална историја на Македонија никој не ја поставил иднината на едната партија со сопственото лидерство. А особено не во ВМРО-ДПМНЕ. Љупчо Георгиевски сакаше да се претставува како предводник на патриотскиот дел од гласачите, но одбегнуваше да зборува во прво лиде еднина за својата улога во партијата. Никола Груевски во неговите највисоки автократски денови се замислуваше како трибун на народот, но никогаш не ја поистовети јавно иднината на партијата со самиот себеси. Оваа изјава на Мицкоски дадена со мирен тон ја покажува неговата опседнатост со самиот себеси, некакво нејасно чувство за водство за кое веќе никој не смее да има забелешки ако еднаш било дадено и, всушност, јавно објавување на еден егоцентричен свет во чиј центар е само тој, а другите треба да се движат по поблиска или подалечна орбита. Тој се постави себеси најмалку рамен на партијата и тоа не е воопшто добро за неа.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski (Petr Stojanovski)Мицкоски: Никола Груевски е минато во ВМРО-ДПМНЕ, иднината во партијата сум јас

Фројдовска компензација со арогантност има свој печат и во постојаните барања за телевизиски дуел со Зоран Заев. Мицкоски како да полага единствена надеж дека само во жустра расправа ќе може да го клекне премиерот на колена без да понуди ништо. Овие постојани барања за телевизиска дебата, всушност, треба да ја одвлечат настрана целата внатрешна приказна на опозицијата и фактот дека таа за целата оваа година не понуди ништо освен критики и само критики. Исто онака како што го правеше СДСМ во нејзините долги опозициски денови и кога најпосле сфатила дека само нападите нема да им донесат додадена вредност. Опседнатоста со телевизиски дуел е дел од нарцисоидноста на Мицкоски и стратегијата прекутрупа да се стигне до политички капитал. Еден дуел имаше пред шест месеци, тој би сакал такви расправи да се држат по можност секој втор месец за да може да добие бесплатен ваучер во рингот. Само едно бегло истражување ќе му покаже дека во ниедна, буквално во ниедна европска земја, премиерот и лидерот на опозицијата не се соочуваат на телевизијата ако нема избори. Дека само изборите се моментот кога јавноста треба да ги дознае од прва рака двете понуди. А Мицкоски тоа би сакал да го прави како на бескрајна лента.

Потокот, реката, морето

Доколку ги читате неговите говори на протестите пред Владата и во македонските градови веднаш ќе забележите дека тоа се патетични излагања, зачинети со цитати на Рацин, со изреки на македонски војводи, со колнење во македонизмот, со прозаични метафори од стилот: „Браќа и сестри, почнавме како поток, потокот стана река, реката полека станува сѐ поголема и е на устието со морето. ВМРО-ДПМНЕ ќе надојде како надојден Вардар најпривин на претседателските избори, а потоа ќе ги оддува како ’киша око Крагуевца‘.“ Плус, обидувајќи се да поентира, тој ќе објави дека политиката ја внесол во студентските предавални, наместо да ја исклучи од предавањата. Во Кочани тој го рече ова: „Ме прашуваат студентите – ’Професоре, надвор од инженерството, зошто црнила?‘ Па зарем има ли нешто белило што ѝ се случува на Македонија и на граѓаните во Македонија? Саде темнина е околу нас, и црнила. Е, затоа црнила викам, драги мои студенти. Затоа што само црнила ни се случуваат нам“.

Мицкоски, всушност, постојано ги повторува едни те исти работи, зачинети со  омаловажување и навреди на политичкиот ривал. Веројатно мисли дека така може да го премости времето додека неговата партија не понуди нешто програмски опипливо на политичкиот пазар. А во исто време да го тргне настрана големото прашање кое се надвиснува врз неговото лидерство – што мисли тој за десетте години на владеењето на неговиот претходник, кога Македонија беше под автократска чизма. На такви прашања Мицкоски не сака да одговара, велејќи дека треба да се гледа во иднината, давајќи општи одговори во стилот „кој работи тој и греши“. Јасно е дека тој не сака да го уништи гнездотот во кое се испили и во кое изгледа дека и денес убаво се чувствува.

Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev und Hristijan Mickovski ( Regierung der Republik Mazedonien)Опседнатоста со телевизиски дуел со Заев е дел од нарцисоидноста на Мицкоски и стратегијата прекутрупа да се стигне до политички капитал

Затоа изгледа појасно зошто тој цврсто образложува дека неговата партија треба да се однесува според комунистичките правила на демократскиот централизам – дискусија во партијата е можна само додека не се донесе одлука, понатаму сите мора да ја спроведуваат таа одлука и да молчат, иако можеби мислат поинаку. Таа наизглед железна дисциплина треба да го прикрие стравот дека работите може да избегаат од контрола ако некој јавно каже дека мисли поинаку околу остварувањето на истата цел. Тој демократски централизам востановен уште во раните болшевички времиња на Советскиот Сојуз, Мицкоски сега го претставува како демократска придобивка. Во основата на тоа е стравот дека некој може да ја поткопа неговата самозамислена аура.

На Христијан Мицкоски му треба малку посериозна екипа која ќе ги контролира неговите голема нестрпливост, неговите нагони или незграпни истапи. Неколку дена по ред тој и неговите портпароли го споредуваа Зоран Заев со некаков африкански монарх, сакајќи да го нацртаат неговиот деспотизам. Но прво треба да се потврдат фактите: во Африка денес има само една монархија, Мароко (ако ги исклучиме двете племенски држави внатре во територијата на Јужна Африка – Лесото и Свазиленд). Сите други се републики. Дури и во постколонијалното време ги немаше многу, колку прстите на една рака, од кои најславно беше царството во Етиопија на Хаиле Селасие. И што значи кога се зборува и се прават паралели со африкански монарси, а такви нема. Тоа се тие фаули кои ја поткопуваат супстанцата на Мицкоски уште пред да биде создадена. Големо прашање е дали е тој свесен за тие фаули или опседнатоста со метафори, зачинета со гнев и со речник многу сличен со оној на новите крајно десни европски популисти е силата што потсвесно го води.

Како и секој политичар, и тој јавно тврди и потајно се надева дека неговото лидерство ќе почне со победа на првите вистински избори (оние на конгресот во Валандово беа наместена претстава). Ривалот кого постојано го навредува, Зоран Заев, може да му овозможи реални шанси за успех на претседателските избори и граѓаните да подзаборават на десетте автократски вмровски години најмногу поради хаосот што настана во земјата во месецот пред гласањето на уставните измени. Мицкоски, така, без труд можеби ќе прогласи триумф и ќе го трасира патот на враќањето на ВМРО-ДПМНЕ со една многу пожестока националистичка реторика. Но, тоа е политиката, работите може да се трансформираат во успех и тогаш кога изгледаат безнадежни. Во такви чуда верува Христијан Мицкоски. А за нивно остварување помошта ја добива од својот ривал – Зоран Заев.

DW.COM

Слични содржини