Годишната стапка на инфлација во ноември забави на 19,5%

од Vladimir Zorba

Годишната стапка на инфлација во ноември забави на 19,5%, со што просечната годишна инфлација во периодот јануари – ноември 2022 година изнесува 13,8%. И натаму околу 76% од овој раст е директен ефект од растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. Неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите е нагласена поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија, поради што од исклучителна важност е водењето претпазливи домашни политики и внимателното управување со домашната побарувачка, се вели во заклучоците од редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика при Народната банка.

Домашниот девизен пазар е стабилен, при поголема побарувачка на девизи на корпоративниот сектор, којашто во голем дел е неутрализирана од поволните движења на менувачкиот пазар и солидната девизна позиција на банките. Народната банка речиси и да нема интервенции на девизниот пазар, а девизните резерви од јули наваму бележат постојан раст и се над оцените од последните проекции. Нивото на девизните резерви ги задоволува меѓународните стандарди неопходни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во октомври 2022 година засега е во рамките на очекувањата за четвртиот квартал, според октомвриската проекција, но периодот на оцена е премногу кус за да можат да се изведат попрецизни заклучоци. Податоците за менувачкото работење, заклучно со крајот на ноември 2022 година, укажуваат на можност за остварување нето-приливи од приватните трансфери коишто се малку повисоки од очекуваните.

Што се однесува до домашната економска активност, во третиот квартал од годината, дојдоа до израз неповолните ефекти од енергетската криза и од растот на трошоците врз одредени сектори од економијата, што доведе до забавен економски раст (2%). Остварувањата во третиот квартал од 2022 година, како и за првите три квартали од годината (раст од 2,7%), се малку подобри од проектираните. Расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во четвртиот квартал се недоволни, но засега се во прилог на очекувањата дека растот ќе забавува до крајот на годината. Така, податоците за октомври покажуваат мал реален годишен пад на прометот во вкупната трговија, наспроти малиот раст во претходниот квартал, и натамошни неповолни движења кај индустриското производство.

Во однос на монетарните движења, според првичните податоци за ноември, кредитната активност и натаму расте, но поумерено и во согласност со очекувањата, додека растот кај депозитите забрзува посилно од очекувањата.

Во ноември, на меѓународните финансиски пазари променливоста е намалена, а пазарните очекувања упатуваат на понатамошно затегнување на монетарната политика од страна на глобалните централни банки. Во САД, заради согледувањата на инвеститорите дека ценовните притисоци во САД се намалени, се зголемија очекувањата за поумерено зголемување на референтната каматна стапка од страна на ФЕД. Очекувањата на пазарите во однос на каматната стапка на ЕЦБ исто така се во насока на нејзино понатамошно зголемување, како одговор на инфлациските притисоци во еврозоната, а при висока неизвесност од идната динамика на глобалните цени на примарните производи.

Општо земено, неповолното надворешно окружување и нагласените ризици налагаат водење исклучително претпазливи домашни политики. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците. Како и досега, централната банка е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за среднорочна ценовна стабилност, истакнуваат од Народна Банка.

Слични содржини