Годишната стапка на инфлација во Турција во октомври падна под 49 отсто

од Vladimir Zorba
18 прегледи

Годишната стапка на инфлација во Турција падна во октомври од 49,38 отсто во септември на 48,58 отсто, објави денеска Турскиот статистички институт (Туркстат). Ова е петти последователен пад на годишната инфлација во Турција, која сега е најниска од јули 2023 година.

Цените на домувањето, водата, струјата, гасот и другите горива се зголемени за 89,39 отсто, транспортот за 26,14 отсто, мебелот, покуќнината, рутинското одржување на куќите за 39,22 отсто, но во сите наведени категории меѓугодишниот раст на цените беше побавен отколку во септември.

За разлика од нив, цените на храната и безалкохолните пијалоци во Турција во октомври пораснале за 45,28 отсто, со побрзо темпо во однос на септемвриските 43,72 отсто. На месечно ниво инфлацијата е зголемена за 2,88 отсто во однос на септември, особено цените на облеката и обувките за повеќе од 14 отсто, објави сајтот Туркстат.

Централната банка на Турција (TCMB) на 17 октомври одлучи да ја задржи референтната каматна стапка на 50 отсто седми пат по ред. Комитетот за монетарна политика на TCMB тогаш забележа дека трендот на базичната инфлација во Турција се зголеми на крајот на третиот квартал од 2024 година, бидејќи повисоката инфлација во услужниот сектор неутрализираше забавен раст на базичната инфлација, објави Блумберг.

Следниот состанок на централната банка на Турција за монетарната политика ќе се одржи на 21 ноември.

Слични содржини