Годишнина од членството во НАТО: Пендаровски во телефонски разговор со Столтенберг

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски денеска остварил телефонски разговор со Генералниот секретар, Јенс Столтенберг, по повод годишнината од членството на Република Северна Македонија во НАТО.

Во тој контекст, претседателот Пендаровски изрази благодарност за поддршката која земјата ја добива од НАТО Канцеларијата за безбедност во процесот на сертификација на официјалните лица во државата за коишто се побарува НАТО безбедносен сертификат.

Од Кабинетот на претседателот велат дека двајцата соговорници се согласиле дека тоа е исклучително важен процес и дека истиот треба да продолжи во сите неопходни сегменти, витални како за безбедноста на Република Северна Македонија, така и за безбедноста на Алијансата.

„Истовремено, претседателот Пендаровски се заблагодари за досегашната помош во справувањето со последиците од пандемијата на Ковид-19, посочувајќи дека солидарноста и поддршката на сојузничките земји е неопходна за надминување на новите реални предизвици со кои се соочуваат Европа и светот“, стои во официјалното соопштение.

Во телефонскиот разговор, претседателот Пендаровски ја реафирмираше подготвеноста и посветеноста на Република Северна Македонија во промовирање на мирот и стабилноста, истакнувајќи дека земјава и во иднина активно ќе придонесува во меѓународните мировни мисии предводени од НАТО во регионот и пошироко. Северна Македонија, додаде претседателот Пендаровски, останува целосно посветена на реформите во одбраната и во безбедноста согласно стандардите на НАТО.

Слични содржини