Гојковиќ: ЕП ќе се вклучи во дијалогот меѓу власта и опозицијата за изборните услови

од Vladimir Zorba

Претседателката на српскиот парламент Маја Гојковиќ изјави денеска дека е „добредојден ангажманот“ на преставниците на Европскиот парламент со цел да се врати меѓупартискиот дијалог во српското Собрание и да се зајакне парламентарната култура на дијалогот. Таа додаде дека тој одговор го проследила во писмото до претседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер.

На прес-конференцијата, Маја Гојковиќ изрази надеж дека наскоро ќе дојде до разговори за модалитетите на организирање состанок во парламентот и за тоа што можат да бидат првите теми на разговорот.

Според неа, рамковни датуми за првата фаза од разговорите би можеле да бидат 9 и 10 октомври.

Таа оцени дека дијалогот треба да се одржи под нејзино покровителство, со учество на некои претставници на Европскиот парламент и дека ќе бидат повикани да учествуваат сите претставници на парламентарните партии и евентуално подоцна и експерти.

-Сите ние сме свесни за роковите пред нас и ќе се фокусираме, во првата фаза, на разговори на теми кои се веќе општо познати на сите политички актери и на јавноста, а тоа се изборните услови за изборите во март 2020 година. Ова се однесува на медиумите, избирачкиот список, финансирање на кампањата и слични теми, рече таа.

Мекалистер претходно изјави дека Европскиот парламент е подготвен да посредува во дијалогот меѓу властите и опозицијата во Србија за изборните услови, доколку добие позитивен одговор од претседателката на српскиот парламент.

-Во случај на позитивен одговор од претседателката на Собранието, ние сме подготвени да го поддржиме предложениот дијалог, изјави Мекалистер.

Гојковиќ додаде дека таа нема да ја претставува Српската напредна странка во овие разговори, туку дека нејзината улога е да биде покровител и модератор на состаноците.

-Ќе разговараме за тоа во рамките на Српската напредна странка, ќе видиме кое ниво на претставници ќе одредат другите партии, рече Маја Гојковиќ.

Одговарајќи на прашање за тоа каква реакција очекува од партиите кои веќе најавија дека ќе ги бојкотираат изборите, Маја Гојковиќ изјави дека од нив зависи каква конечна одлука ќе донесат, но тогаш кога ќе се распишат изборите и кога ќе видат под кои услови ќе излезат на избори.

-Сè што посочи Мекалистер отвара големи можности да го унапредиме она што некој смета дека не е доволно унапредено. Мислам дека нивната одлука е прерана и дека со тоа можеби се бара изговор да не се учествува на изборите за да не се покаже вистинската политичка моќ, рече таа.

Денеска раеагираше и опозицијата. Движењето на слободни граѓани (ПСГ) ја поздрави одлуката на ЕП да посредува во дијалогот меѓу власта и опозицијата, а од Нова Странка (НОВА) оценија дека потегот на претставниците на ЕУ докажува дека активната борба и притисокот од опозицијата конечно дава резултати.

-Очигледно, нашата борба за Србија во ЕУ и ЕУ со Србија беше забележана и добредојдена дури и во Брисел, додека пораката на г-дин Мекалистер посочува дека самата Унија е свесна за степенот до кој се кршат човековите права во нашата земја, штом изрази подготвеност да биде посредник во разговорите меѓу властите и опозицијата, порачаа од Нова.

Слични содржини