Ѓоковиќ по одлуката на судот: РАЗОЧАРАН СУМ!

од Vladimir Zorba

Првиот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ го загуби случајот пред Федералниот суд на Австралија!

Според врховниот судија Џејмс Алсоп, одлуката на тричлената комисија била едногласна, а Новак Ѓоковиќ нема да има можност да настапи на Австралија опен и ќе биде депортиран од земјата.

Писмените причини за ваквата судска одлука ќе бидат објавени во наредните денови, а Србинот се огласи со кратка порака.

– Би сакал да дадам кратка изјава за да ги сумираме настаните во судот денеска. Ќе одвојам малку време да се одморам и да соберам енергија, пред да дадам дополнителен коментар за сето ова, се наведува во изјавата на Новак и додава:

– Крајно сум разочаран од одлуката на судот да ми го одбие барањето за судско разгледување на одлуката на министерот да ми ја укине визата, што значи дека не можам да останам во Австралија и да учествувам на Австралија опен. Ја почитувам одлуката на судот и ќе соработувам со надлежните органи во однос на моето депортирање од земјата. Не сум задоволен што фокусот во изминатите недели беше на мене и се надевам дека сите сега ќе се концентрираме на играта и турнирот што го сакам.

Ѓоковиќ им се заблагодари на сите кои беа со него во оваа борба.

– Би сакал да им посакам на играчите, официјалните лица на турнирот, персоналот, волонтерите и навивачите се најдобро на турнирот. Конечно, им благодарам на моето семејство, пријателите, тимот, навивачите, моите драги Срби за нивната континуирана поддршка. Сите вие ​​бевте голем извор на сила за мене, заврши Ѓоковиќ.

Слични содржини