Ѓоковиќ за „Адрија Тур“: Не ги повикав Федерер и Надал

од Vladimir Zorba

Најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, денес објави дека германскиот тенисер Александар Зверев, исто така, ќе учествува на турнирот во Белград, како дел од „Адрија турнејата“.

„Среќен сум и многу возбуден сум што ќе имам можност да играм пред домашната публика и дека ќе имам можност да патувам и да настапувам на турнири во регионот“, рече Ѓоковиќ на прес-конференција во Белград.

Регионалната серија на турнирите „Адрија Тур“ ќе се одржи од 13 јуни до 5 јули на пет различни локации. Турнирите ќе се играат на земја, а сетовите ќе бидат скратени на четири гема.

„Сакам да споделам со вас дека Александар Зверев, исто така, доаѓа во Белград, покрај Доминик Тим и Григор Димитров. Три големи светски ѕвезди. Многу сум благодарен и задоволен што ќе имам можност да ги донесам тука во мојот роден град“, рече okоковиќ.

Првиот тенисер во светот изјави дека Тим ќе игра само во Белград, дека постои шанса Зверев да игра не само во Белград, туку и во Хрватска, додека Димитров треба да игра во Србија, Хрватска и Црна Гора.

Ѓоковиќ додаде дека преговарал со неколку други ѕвезди.

Тој исто така откри дека преговарал со Милош Раониќ, дека имал голема желба да игра во Црна Гора, но дека Канаѓанецот решил да не доаѓа во Европа на крајот.

Новинарите беа заинтересирани и за тоа дали Ѓоковиќ ги повикал Роџер Федерер и Рафаел Надал.

„Бев во контакт со нив повеќе од вообичаено … Федерер сè уште има проблеми со коленото, јас дури и не се двоумев да го прашам. Рафа штотуку започна да игра. Разговаравме за Ус Опен пред една недела, но не го прашав. Не знам дали ќе го прашам. Можеби, но не очекувам дека ќе дојде“, рече Ѓоковиќ.

„Адрија турнејата“ ќе стартува во Белград, на терените ТЦ Новак (13/14 јуни), а потоа ќе се пресели во Задар (20/21 јуни). Според Ѓоковиќ, тие две локации засега се сигурни.

Планот е да се одигра турнирот во Црна Гора (27/28 јуни) и во Бања Лука (3/4 јули). Покрај тоа, планирано е да се замине во Сараево (5 јули), каде Новак Ѓоковиќ и Дамир Џумхур ќе одиграат егзибициски натпревар.

Слични содржини