Голем број кинески градови усвојуваат нови мерки против ковид-19

од Stefanija Kuzmanovska

Голем број кинески градови усвојуваат нови мерки против коронавирусот, од запирање на деловни активности до заклучување, за спречување на нови инфекции, а трговскиот центар Шангај се подготвува за уште една кампања за масовно тестирање откако ја регистрираше под-варијантата на омикрон сојот.

Бидејќи Кина се држи до својата политика „нулта ковид“ за брзо сузбивање на сите инфекции, строгите мерки на локалните власти доаѓаат и покрај малиот број случаи, во време кога голем дел од светот живее со коронавирусот, пренесува „Ројтерс“.

Централната влада на Кина рече дека мерките треба да бидат што е можно повеќе насочени за да се минимизира штетата на економијата на земјата, откако големите прекини оваа година ги нарушија глобалните синџири на снабдување и ја погодија меѓународната трговија.

Високо преносливата подваријанта на сојот омикрон, кој предизвикува епидемии во многу земји надвор од Кина, покажа знаци на поголема способност за избегнување на одговорите на антителата предизвикани од вакцината отколку некои други подваријанти на омикрон, рекоа здравствените власти.

Откривањето на една таква подваријанта во Шангај би можело да придонесе за брзо ограничување на избивање на епидемијата и мерки слични на заклучувањата од април и мај што ја потресоа глобалната економија и пазарите, соопшти британската агенција.

Властите во Шангај, најнаселениот град во Кина со 25 милиони жители, им порачаа на граѓаните во неколку области да се тестираат двапати неделно.

Жителите на Шангај веќе често се тестираат, за да се обезбеди пристап до различни локации и јавен превоз.

Дневниот број на локално пренесени инфекции во Шангај се искачи на неколку десетици од 5 јули, од едноцифрен претходно овој месец, но останува низок според глобалните стандарди, пренесе „Ројтерс“.

Слични содржини