Голем протест во Тирана, опозицијата бара оставка од Рама

од Nikola Popovski

Претседателот на албанската опозициска Демократска партија Сали Бериша на денешниот протест во Тирана побара од премиерот Еди Рама оставка.

Протестот на здружената опозиција се одржа пред зградата на Владата, а на него присуствуваа илјадници граѓани.

Над 1.000 полицајци беа ангажирани за обезбедување на протестот, а вратата на влезот од Владата беше блиндирана со дополнителен метален дел, пишува „Албанијан пост“.

Бериша во својот говор ја опиша аферата Рамин, поврзана со агентот на ФБИ, како најсериозен скандал што го „оцрни образот на земјата во светот“.

„Нарко-премиер без вера, без држава, без знаме го корумпира шефот на контраразузнавачката служба на сојузникот на САД“, рече Бериша и порача дека Рама треба да поднесе оставка по „овој чин на нелојалност кон голем сојузник на албанскиот народ“.

Претседателот на Партијата на слободата и поранешен претседател на Албанија, Илир Мета, оцени дека Рама за 10 години „ја искористил моќта за да ја приграби државата и за своите мафијашки интереси“.

Поранешниот претседател на Република Албанија истакна дека „корупциската афера Мекгонигал-Рама го шокираше целиот свет од двете страни на Атлантикот“.

Поранешниот агент на Федералното истражно биро (ФБИ) Чарлс Мекгонигал беше обвинет за сомнителни зделки со руски олигарси, но во обвинението се наведува дека тој имал сомнителни деловни врски со политичари од Албанија и Босна и Херцеговина.

Тој, меѓу другото, е обвинет дека не му ја открил на ФБИ, барем од август 2017 година, неговата врска со поранешен вработен во албанската разузнавачка агенција, опишан во обвинението како „Лице А“.

Исто така, според обвинението, тој не открил дека „имал контакти“ со албанскиот премиер Еди Рам, кој рече дека наводите против Мекгонигал немаат никаква врска со него.

Слични содржини