Голема битка за наследникот на Зидан, во игра се четири опции

од Nikola Popovski

Клупата на Реал Мадрид остана празна со заминувањето на Зинедин Зидан, и иако Французинот тукушто се прости, веќе започнаа шпекулации за тоа кој би можел да го заземе неговото место.

Шпанска „Марка“, која е добро запознаена со ситуацијата во Реал, наведува дека во игра се четири имиња.

Еден од главните кандидати за клупата е клупската легенда, Раул Гонзалес, кој работи со помладите категории и на кој Флорентино Перез би можел да му даде шанса.

Друг поранешен фудбалер на Реал и човек кој ги водеше помладите категории во клубот, Чави Алонсо, се претстави како потенцијален тренер. Играчот за врска, кој остави длабока трага во Ливерпул, сега е прв тренер на Реал Сосиедад Б.

Покрај поранешните асови, во игра се и две големи тренерски имиња.

Антонио Конте ја заврши својата мисија во Интер, кому му ја донесе долгоочекуваната титула италијански шампион, а многумина веруваат дека тој би бил совршен да ја преземе клупата на кралскиот клуб.

Како опција, искочи и Маурицио Покетино, кој по само една полусезона во ПСЖ започна да се поврзува со неколку клубови, вклучувајќи го и Тотенхем, каде работеше до неодамна.

Додека Перез, со кого Зидан не беше во најдобри односи, размислува за наследник и самиот Французин може да избере. Засега никој не изјавува, но јасно е дека тренерот, кој минатата сезона заврши без трофеј, е многу посакувана „мета“.

Слични содржини