Голема тага во Формула 1: Почина основачот и сопственик на Вилијамс

од Milan1

Френк Вилијамс, основачот на еден од најтрофејните тимови во Формула 1, почина денес. Френк имал 79 години. Во петокот бил примен во болница, а во неделата починал во мир и опкружен со семејството, пишуваат од неговиот поранешен тим.

Вилијамс беше на чело на својот тим до септември минатата година, а на таа позиција помина речиси половина век. Тимот во Формула 1 се натпреварува од 1977 година, а досега неговите возачи имаат освоено седум титули во конкуренција на возачи и девет во конкуренција на конструктори.

Френк го основал тимот во соработка со автомобилскиот инженер Патрик Хед, а првата трка била трка за Големата награда на Шпанија во 1977 година.

Најтрофејниот период беше помеѓу 1980 и 1997 година, а некои од забележливите имиња кои поминаа низ Вилијамс беа Нелсон Пике, Жак Вилнев, Ален Прост, Дејмон Хил, Алан Џонс, Кеке Розберг и други.

Основачот на тимот пред 35 години доживеа тешка сообраќајна несреќа поради која заврши во инвалидска количка, но тоа не го оддалечи од Формула 1.

Тимот во меѓувреме беше продаден на Дорилтон Капитал, бидејќи ќерката на Вилијамс, Клер и семејството не сакаа да се вклучат во „најбрзиот циркус на светот“ поради трошоци и долгови, но познатото име сепак остана.

Слични содржини