Големите маркети ги чекаат законските решенија за биоразградливите кеси

од Vladimir Zorba

Новите законски одредби кои налагаат од 1 декември да може да се користат само биоразградливи кеси кои ќе се продаваат по цена од 15 денари повеќе ќе ги погодат потрошувачите, велат за „Локално“ големите трговски субјекти „Тинекс“ и „Веро“.

„Досега потрошувачите во најголем дел воопшто не размислуваа на оваа тема, кесите беа ефтини и насекаде достапни. Сега со оглед на високата цена, голем број на купувачи пред да заминат во маркетите ќе треба да се сетат да земат од дома кеси со себе“, посочуваат во „Тинекс“.

Од компанијата укажуваат дека вообичаено се вклучуваат во процесите на подготовка на одредени законски решенија преку мислења , сугестии и предлози но овој пат тоа не било случај.

Повеќе податоци за новото законско решение чека и „Веро“.

„Според информациите што ги добивме, периодов треба да се донесат и Правилници со кои подетално ќе се уреди целата материја, па дури тогаш ќе имаме целосна слика за мерката и прецизни насоки според кои ќе го организираме нашето работење“; велат од „Веро“.

Оттаму посочуваат дека и понатаму ќе продолжат да ги почитуваат сите законски регулативи и  да продонесуваат за заштитата на животната средина и тоа преку разни активности.

Во однос на тоа дали очекуваат реакции од купувачите, двете компании се согласни дека не очекуваат какви било проблеми.

И досега се случуваше одреден мал број купувачи да носат кеси(или платнени торби) со себе, поттикнати во најголем број од еколошки побуди. Реакции веројатно ќе има на почетокот (најмногу заради високата цена на кесите), но сметам дека со тек на време купувачите ќе се прилагодат на новата практика“, велат во Тинекс.

Според компанијата „Веро“ пак, нивните маркети нудат биоразградливи кеси уште од 2013 година кои не се наплаќаат, односно се бесплатни за потрошувачите.

Потрошувачката е стандардна, при што потрошувачите во Веро маркетите се однесуваат одговорно при користењето на биоразградливите кеси, а има и дел потрошувачи кои уште од поодамна користат сопствени торби за повеќекратна употреба при пазарувањето како нивен придонес за поздрава животна средина“, истакнуваат оттаму.  

Алтернатива на досегашните кеси според трговците ќе бидат хартиените или платнени кеси. Во однос на обврската да се евидентира бројот на продадени кеси и уплата на сумата на посебна сметка, од Тинекс посочуваат дека она што е клучно е средствата собрани на овој начин да бидат соодветно искористени преку соодветни програми за подобрување и унапредување на животната средина.

Досегашната потрошувачка на биоразгардиви кеси на дневно ниво е променлива категорија велат во „Веро“. Во однос на потрошувачката, велат дека ги следат европските директиви и насоки за подобро управување со отпадот и одговорно однесување на потрошувачите.

К.В.С.

Слични содржини