Партиите се „перат“ од посакуваните 2% праг за собирање на потписи за независни листи

од desk4

Според експертите, предлагачите на измените во Изборниот законик, (2% праг за собирање на потписи за независните листи),  се испаничија од негативните ефекти кај граѓанските здруженија и помалите политички партии,  но и од реакциите на Советот на Европа.  Сметаат  дека тие тактизираат за да го постигнат она што го посакуваат а во меѓувреме вината си ја префрлуваат.

Откако во јавноста како „бомба“ излезе веста дека независните кандидати треба да соберат илјадници потписи за да влезат во локалната изборна трка – денеска „големите“ политички партии се повлекуваат.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, остро ја нападна власта, говорејќи дека предлогот од 2% бил на СДСМ.

Мицкоски на прес конференција рече дека македонскта јавност треба да знае дека добро препораката на ОБСЕ-ОДИХР е минимум еден процент.

-Два процента е поради барањето на владејачките партии. Но, ние изразуваме целосно разбирање за помалите партии и за ВМРО-ДПМНЕ прифатливо е секое решение што власта, заедно со нивните помали коалициони партнери, ќе го договорат. ВМРО-ДПМНЕ има принципиелен став дека препораките на ОБСЕ-ОДИХР треба да бидат дел од Изборниот законик и тука немаме дилеми. ВМРО-ДПМНЕ беше подготвена да ги прифати овие препораки уште во март годинава, но заради маневрите, доцниме со прифаќање на овие измени. ВМРО-ДПМНЕ ги разбира препораките од ОБСЕ-ОДИХР во насока на зголемување на квалитетот на избирачкиот процес, рече Мицкоски.

И министерот за правда Бојан Маричиќ од редовите на СДСМ уште вчера дигна „рачна“. На брифинг со новинарите кажа дека предлогот на работната група на ресорното министерство бил еден отсто, но дека во политичката дискусија се лицитирало и со 3, па дури и со 5 отсто, за на крај компромисот да биде два отсто.

Долгогодишнит познавач на македонската политичка сцена Мерсел Биљали за Локално вели, дека пресвртот во ставовите на големите партии, се должи на стравот од реакциите на европските инстиутции.

-Ваквото решение има контра ефекти. Замислете за Град Скопје да собирате потписи. Откако предлагачите ја видоа реакцијата кај помалите партии и граѓанските здруженија се испаничија од негативните ефекти, но и од реакциите на Советот на Европа. Во моментов претпоставувам дека станува збор за тактичка игра, се бара многу и потоа се попушта и се доаѓа до некое решение, или поточно до посакуваната цел на партиите кои ги предложија ваквите измени во Изборниот законик, вели Биљали за Локално.

Според Биљали, партиите во името на  граѓаните ги гледаат своите интереси.

-Мора да се направат отворени листи, затоа што без нив од советниците или пратениците правиме партиски полтрони, а од лидерите – „богови“. Кандидатите зависат од тоа како ќе бидат рангирани на листите. Прагот мора да се спушти бидејќи ги газиме и граѓанските инцијативи што е едно од начелата на повелбата на Советот на ЕУ за локална самоурпава која е ратификувана и од македонска страна, кај што граѓанските инцијативи заземат клучно место, а со зголемување на прагот тие се елиминираат и се сведуваат на ниво на чиста формалност без никаква содржина, вели Биљали за Локално.

Реагираат и од ОБСЕ/ОДИХР. Од таму велат дека ги следат дискусиите за измените во Изборниот законик.

„ОДИХР навистина даде препорака за стандардизирање на потребниот број потписи за независни кандидати до 1% од запишаните гласачи. Како што рековме тогаш, ова е во согласност со меѓународната добра практика. Продолжуваме да ги следиме тековните дискусии за предложените измени во Изборниот законик и подготвени сме да ја разгледаме секоја предлог-регулатива на барање на властите“.

Државната антикорупциска комисија предупредува дека власта не се придржува на препораките на ОБСЕ-ОДИХР, но и дека кревањето на прагот е политичка корупција.

За измените на Предлог – изборниот законик помалите партии поднесоа стотици амандмани. ЛДП и ДОМ остро реагираат и кон власта и кон опозицијата.

„За нас е неприфатлив предложениот праг од 2 проценти за независни кандидати на локалните избори, нашиот предлог е прагот да изнесува 0.5 проценти, само така ќе се овозможи олеснато вклучување на независните кандидати во единиците на локалната самоуправа. Во однос на останатите поднесени амандмани ние за отворените листи бараме наместо прагот со преференца од 3 проценти од вкупниот број избирачи на избирачкиот список да биде 10 проценти од бројот на вкупно освоени гласови на листата или пак воопшто да нема праг, пишува во соопштението.
Од граѓанската коалиција „Зелен хуман град“, која брои 20 граѓански здруженија, велат дека најавените измени во Изборниот законик со кои прагот за собирање потписи за независни листи би се подигнал на 2 отсто од регистрираните избирачи во општините, се противуствни.

„Ние ќе се бориме на секој можен начин против ваквите недемократски практики кои се одлика на режимски земји, не на демократии. Со најавените измени ќе се прекршат дури седум члена од Уставот, ќе се загрози правото на граѓаните да можат независно, слободно да излезат на локалните избори во локалните самоуправи каде треба најмногу да го имаат гласот. Со прекршувањата на овие уставни членови се загрозува правото на слободно здружување, право на политичка определба, определба која не е партиска, тие права се насекаде во светот загарантирани“, велат од „Зелен хуман град“.

Б.Т.

Слични содржини