„Големите“ партии туркаат брзи измени на Изборниот законик, „помалите“ ќе блокираат

од desk4

Помалите политички партии (ДОМ, ДС, ЛДП и Левица) денеска ја спречија намерата на „титаните“ – големите (СДСМ-ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса и Алтернатив), измените на Изборниот законик со 2% праг за собирање на потписи за независни листи, експресно да поминат и на Комисијата за политички систем. Откако на пленарна седница беше изгласана потребата од носење на Изборниот законик со 85 гласови „ЗА“, 2 „против“ и 5 „воздржани“, собранискиот спикер Талат Џафери, веднаш ја закажа Комисијата за политички систем. По жестоките реакции на пратениците на ДС Павле Трајанов, на ДОМ Маја Морачанин и на независната пратеничка Гордана Силјановска, дека еден час е малку за да се разгледа предлог Изборниот законик и потоа да се поднесат амандмани, седницата беше одложена.

Во меѓувреме според собраниски извори на „Локално“, сите помали партии подготвуаат амандмани. Од Левица околу 800 со што ќе го  блокираат Изборниот законик. Пратеничката од ДОМ Морачанин вели со новите измени освен праг од 2% проценти за собирање на потписи за независни листи, големите партии по свој терк ја скроиле и распределата на парите за партии.

– Со измените во Изборниот законик по две најголеми партии од власта и од опозицијата ќе добиваат по 45%. За партиите кои се  без пратеничка група во Собранието, за вонпарламентарните партии и за независните кандидати се предвидено само 10% пари од буџетот. Со прагот од 2% се отежнува вклучувањето на граѓаните кои се непартиски определени во локалните избори. Тие треба да соберат илјадници потиписи во канцеларите на ДИК. Ова е спротивно на демократијата, вели Морачанин.

Морачанин предлага доколку веќе се инсистира на праг тогаш тој да биде 0,5%.

Според поранешниот претседател на ДИК Алексландар Новаковски, предлогот е нумесен и спротивен на европските стандарди за избори, бидејќи само на неколку месеци пред одржување на избори се прават измени на Изборен законик. На тој начин предупредува Новаковски свесно одиме ОБСЕ/ОДИХР, да дадат забелешка во извештајот кој ќе биде изготвен од страна на набљудувачката мисија која во Македонија ќе биде на покана на Министерството за внатрешни работи.

-Измените за бројот на потписи за независи листи, се крајно неприфатливи, бидејќи целта на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, е да оневозможат во процесот на кандидирање да влезат независни кандидати, како советници. Во вакви услови, ќе биде тешко да се соберат потписиите, без разлика на поддршката која би ја имале тие независни кандидати. Сметам дека со ова СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ покажуваат, дека за клучните суштински и државни интереси за граѓанте, не можат да се договорат, а за Изборниот законик, за да елиминираат било какви други кандидати – многу лесно се договараат. Загрижува фактот што ова се локални избори, а согласно директивите на ЕУ на локални избори во државите гласаат и странците кои имаат престој во државата, дури кандидат може да биде и странец кој има регуларен престој во државата. Овде, кај нас, со овие измени, се ограничува правото на сопствените граѓани да бидат бирани. Уставно право не е само право да бираш, туку и да бидеш биран, вели Новаковски за „Локално“.

Од „Зелен хуман град“ побараа шефот на државата Стево Пендаровски да не го потпишува Изборниот законик.

-Со воведувањето минимален праг од 2% од запишаните избирачи за независните листи да добијат право да се кандидираат на претстојните локални избори, целосно се исклучуваат граѓаните и спротивно на Уставот и законите ги попречуваат да се кандидираат за јавни функции. Прагот од 2% за Град Скопје би значел обезбедување на 10.000 потписи наместо досегашните 1.000 исклучиво во подрачни канцеларии на ДИК, во работно време и во ек на летни одмори“,велат од „Зелен хуман град“.

Од кабинетот на Пендаровски велат дека претседателот очекува целосно да се почитуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР и пред избори да нема измени на изборните правила.

„Во делот кој би пропишал независните советнички групи да треба да соберат потписи од два проценти од вкупниот број на избирачи запишани во една општина, претседателот Пендаровски смета дека треба да се предвиди понизок праг со цел да се овозможи поголемо учество на граѓаните во изборниот процес“, велат од кабинетот на Пендаровски.

Денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски од собраниската говорница порача дека како предлагачи на измените се пратеници и од власта и од опозицијата и дека врз на членот 170 од Деловникот Изборниот законик е пуштен во собраниска процедура во скратена постапка.

Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, пак пишува дека ги поддржува измените и дополнувањата на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР а ваквата опција за отворени листи овозможува поголема демократија во која личноста на кандидатот, а не само партијата ќе бидат избирани од страна на граѓаните да одлучуваат за нивната општина, пишува во партиското соопштение.

Министерот за правда Маричиќ  веќе посочи дека не очекува поголеми опструкции во Собранието.

Б.Т.

Слични содржини