Google склучи договор вреден 118 милиони долари за тужбата за сексуална дискриминација

од Vladimir Zorba

Google ќе плати 118 милиони долари за да ја прекине тужбата во која се тврди дека технолошкиот гигант дискриминирал жени за плаќања и покачување на плати, пишува Wall Street Journal.

Договорот става крај на колективната тужба во Врховниот суд во Сан Франциско поднесена во 2017 година од тројца поранешни вработени кои велат дека Google ги ставил во пониска позиција од мажите со слични квалификации, што довело до пониски плати. Тие исто така тврдат дека нивната компанија одбила унапредувања или трансфери во други тимови, што би довело до подобар развој на кариерата.

Договорот опфаќа околу 15.500 вработени кои работеле во Google во Калифорнија на 236 позиции од септември 2013 година, според адвокатите на тужителите во случајот.

Како дел од договорот, независни експерти ќе ги разгледаат практиките за вработување на Google и ќе ја проучуваат правичноста на платите, според адвокатските фирми Lieff Cabraser Heimann & Bernstein и Altshuler Berzon, кои ги застапуваат жените.

Google не признава дека направил некаков прекршок. Условите на договорот мора да бидат одобрени од судија.

„Иако силно веруваме во правичноста на нашите политики и практики, по речиси пет години судски спор, двете страни се согласија дека решавањето на прашањето, без никакво признание или наоди, е во најдобар интерес на сите и ние сме многу задоволни од постигнувањето на таков договор“, изјави портпаролот на Google, Крис Папас.

Според него, компанијата е посветена на правично плаќање, вработување и позиционирање на сите вработени. Компанијата направи своја анализа за да провери дали платите, бонусите и надоместоците во акции се праведни во последните години.

„Оптимист сум дека дејствијата што Google се согласи да ги преземе како дел од овој договор ќе обезбедат повеќе правда за жените“, рече Холи Пис, една од тужителките во случајот.

Со години, технолошката индустрија се бореше со тврдењата дека компаниите не вработуваат доволно жени или дека не ги третираат фер жените и луѓе од малцинствата.

Од своја страна, корпорациите велат дека работат на подобрување на нивните политики и практики насочени кон зголемување на диверзитетот на работната сила.

Слични содржини