Google влегува во светот на финансиските услуги

од Vladimir Zorba

Google наскоро ќе започне да им нуди на своите корисници банкарски сметки, сo што ќе стане уште еден технолошки гигант од Силиконската долина кој влегува во светот на финансиските услуги, пренесува Вол Стрит Журнал.

Проектот е со кодно име Cache и веројатно ќе започне со работа следната година. Со сметките ќе управува Citigroup Inc. Големите технолошки компании ги гледаат финансиските услуги како начин да се приближат до потрошувачите, да ги задржат во своите екосистеми, а во некои случаи да добијат и вредни податоци. Apple Inc. издаде кредитна картичка ова лето, а Amazon.com Inc. исто така преговара за банкарски сметки. Facebook Inc. работи на дигитална валута, а денес воведе можност за испраќање пари преку своите апликации.

Засега се чини дека целта на Google не е особено голема. Сметките се широко распространети производи, што потрошувачите не ги менуваат често. Но, тие содржат исклучително вредни информации за потрошувачите – колку пари заработуваат, каде купуваат и какви сметки плаќаат. Компанијата ќе мора да ја убеди јавноста, која се повеќе е загрижена за нејзините лични податоци, дека овие информации можат да му се доверат на гигантот околу кој често се случуваат скандали. Засега, Google вети дека нема да ги продава финансиските податоци на трети лица. Компанијата веќе нарача и доби анкета според која 58% од луѓето во САД ќе веруваат во финансиски производ од Google.

Големите банки веќе се соочуваат со конкуренција од технолошки компании, особено меѓу милениумите (генерација Y), a најпопуларни примери се Venmo, Revolut и други.

Потрошувачите ќе имаат пристап до своите сметки преку дигиталното портфолио Google Pay, кој сака да стигнe до 100 милиони корисници во 2020 година, во споредба со 39 милиони во 2018 година.
„Apple Pay“ пак, има околу 140 милиони корисници во 2018 година.

Слични содржини