Ѓоргиев: Периодот на 19 и 20 век ќе биде еден од најтешките за кои ќе расправа Комисијата

од Берта Китинска

Доколу нема договор, Комисијата по секоја цена нема да носи решенија за историските недоразбирања, изјави Драги Ѓоргиев, копретседателот на македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања со Бугарија на денешната прес – конференција, потврдувајќи дека периодот на 19 и 20 век ќе биде еден од најтешките за кои ќе расправа Комисијата.

„Ние никогаш не сме рекле дека мора да дојдеме до заеднички став и до унисоно мислење. Тој период несомнено ќе биде тежок, мачен период околу кој ќе дискутираме. Дискусиите ќе траат и, во крајна линија, ако ние се договориме, успееме да најдеме некакво решение, ќе го презентираме. Ако не успееме да најдеме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа Комисија, по секоја цена, мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија. Ние повторно ќе расправаме за презентирање на одредени настани и личности во учебниците по историја. Како се презентирани тие личности и дали е потребно нивно поинакво презентирање во бугарските и македонските учебници. Ние не расправаме за тоа како историографиите гледаат на одредени личности и настани. Историографијата ќе си ја продолжи својата работа со истражувања, историчарите ќе ги презентираат своите видувања за настани и за личности, онака како што тие мислат. Комисијата, на никој начин, нема да влијае врз историографијата, врз пишувањето на историските книги, врз истражувањата“,вели Ѓорѓиев.

За заедничко чествување, комисијата усвои препораки за Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и Цар Самоил.За Цар Самоил, најзначаен елемент за нас, за современата македонска нација, е фактот дека центарот на неговото царство се наоѓа на територијата на денешна Македонија.

Од комисијата нагласуваат дека препораките не се со императивен тон за авторите на учебниците, туку да се гледа на нив како предлози на многу умерен начин напишани.

Слични содржини