Гошевски: Големите ценовни осцилации, кажуваат дека пазарот се уште ,,работи“  на довербата во биткоинот

од Берта Китинска

Биткоинот стана, за прв пат, национална валута во една држава ( Ел Салвадор), достигна во еден момент пазарна капитализација од 1 трилион односно 1 000 милијарди долари и ја зголеми својата вредност за скоро дупло во однос на стартот на годината. Сето тоа, заедно со големите ценовни осцилации на Биткоинот, кажуваат дека пазарот се уште препознава и ,,работи,“ на довербата во Биткоинот а со тоа и во самиот систем што Биткоин како прва криптовалута го претставува, но и дека тој процес е во доста напредна фаза навлегувајќи во медиумите, спортот, социјалните мрежи…, вели во разговор за „Локално“,адвокатот Душко Гошевски.

Според него секој граѓанин на држава во која се уште нема регулација е под одреден ризик и при инвестирање и при капитализирање на својот имот.

Биткоинот во 2021 година доживеа неколку „корекции“ на цената откако максималната сума достигна 69.000 долари, но во моментов се тргува pod 50.000 долари (ќе се корегира за нова година сумата). Што го очекува биткоинот во 2022 година?

Слободно може да се каже дека во 13-тата година од постоењето на оваа валута, бројот 13 беше среќен број за биткоинот . Стана, за прв пат, национална валута во една држава ( Ел Салвадор), достигна во еден момент пазарна капитализација од 1 трилион, односно 1 000 милијарди долари и ја зголеми својата вредност за скоро дупло во однос на стартот на годината. Секако, имаше и негативни фактори, како забраната за рударење на биткоини во Кина, регулаторните притисоци во Кина, Индија, Алжир… Илон Маск и Тесла влијаеја и како позитивен и како негативен фактор во даден момент.

Сето тоа, заедно со големите ценовни осцилации на Биткоинот, кажуваат дека пазарот се уште препознава и ,,работи,, на довербата во Биткоинот а со тоа и во самиот систем што Биткоин како прва криптовалута го претставува, но и дека тој процес е во доста напредна фаза навлегувајќи во медиумите, спортот, социјалните мрежи…

Дали цената на најпознатата криптовалута може да надмине 100.000 долари во 2022, како што најавуваат некои големи играчи на пазарот и што го детерминира ова сценарио?

За сѐ што е дел од пазарот на капитал или што има вредност којашто се формира на отворен пазар, важат принципите и правилата на пазарната психологија. Варијациите на цената на одреден имот ( виртуелен или не) е слична како кај стандардните финансиски инструменти и деривати и цената зависи од движењето на циклусите на позитивните и негативните фактори. Но, со една разлика – овде станува збор за ,,пионерската,, крипто валута и, иако многумина биткоинот го гледаат низ призмата на вредноста и финансиите, сепак се работи и за прифаќањето на самата блокчеин технологија, модерните блок синџири, новите веб3 технологии и целокупниот модел на новата дигитална економија.

Што значи дека цената на биткоинот е детерминирана не само од основните пазарни принципи ( коишто видовме дека можат да влијаат и на биткоин како цената на нафтата, енергенсите, новите варијанти на КОВИД -19 ) и пазарната капитализација, туку и од самата технологија што биткоинот ја претставува.

Доколку обичен граѓанин од Македонија во 2022 година сака да купува и да тргува со криптовалути, која апликација му ја препорачувате?

Секој граѓанин на држава во која сѐ уште нема регулација, а се помалку се тие држави, е под одреден ризик и при инвестирање и при капитализирање на својот имот. Информациите, препораките, инвестициските совети се во сива зона која го зголемува ризикот од најразлични злоупотреби и затоа што поскоро е неопходна регулација.

Инаку, да- постојат повеќе видови на платформи и менувачници. Постојат централизирани менувачници како Binance, Kukoin, Coinbase каде што понудата најчесто е на таканаречените stablecoin ( стабилни токени ) и децентрализирани менувачници како Quickswap, CompoundMaker, Uniswap кај кои во основа се појавуваат новите криптовалути- токени.

Но пак ќе повторам, самата регулација ќе придонесе и за усогласување на инвестициското советување, поквалитетни информации и валидизација на истите за видот и сигурноста на платформите на тргување, подобро информирање на инвеститорите и нивна заштита пред сѐ.

Од што ќе зависи покачувањето на цената на одредени криптовалути во годината што доаѓа?

Има една парадигма за пазарните циклуси, а тоа е дека високите и ниските варијации на берзата не можат прецизно да се предвидат, туку се анализираат и објаснуваат подоцна. Шпекулативниот елемент е секако составен дел од ,,играта,, но во случајот со криптовалутите, како што реков, е многу повеќе од тоа. Дали новите апликации ќе си најдат соодветно место во блокчеин технологијата, дали и колку новите иновации ќе бидат препознаени од индустриите ( спортска, музичка и.т.н ), каков ќе биде развојот на ДеФи – децентрализираните финансии и како ќе бидат препознаена од стандардната економија и сл. Мислам дека овие прашања се компатибилни и во линија на развојот на криптовалутите, а со тоа и на нивните вредности, а 2022 година ќе даде одговор на многу прашања поврзани со иднината на овој виртуелен финансиски свет којшто станува се повеќе меинстрим.

Биткоинот, па и етереумот се недостижни во однос на сума за повеќето наши граѓани, но има многу други кои се со „симболична“ сума. Кои се, според вас, трите алткоини кои ги очекува „светла иднина“? Во кои „парички“ им препорачувате на Македонците да инвестираат?

При инвестирањето во криптовалутите, самиот инвеститор одлучува колку ќе инвестира и во што. Може да инвестира и 50 или 100 долари и со тоа да има 0.0001 дел од некоја валута.Не е како кај акциите, повеќе е како кај уделите во инвестициските фондови- ако може да направиме ваква аналогија. Односно, може за одреден износ да се купи/продаде еден дел од криптовалутата.Инаку, на повеќе од 10 000 видови на криптовалути, веројатно ќе бидеме сведоци на цели научни и наставни единици и инвестициски алатки кои ќе се занимаваат во што треба или не треба да се инвестира, бидејќи се очекува апликациите и финансиските проекти кои (ќе) се базирани на блокџеин технологија да ја креираат и обликуваат новата дигитална економија во интернет просторот. Се работи за голема и комплексна сфера која што расте секој ден.

Можно ли е во 2022 година да очекуваме „поместување“ во однос на македонското законодавство и некакво прифаќање, односно легализирање, на крипто-средствата во платниот промет?

Очекувано е во 2022 година да има сериозно поместување во однос на легислативата која ќе го регулира овој дел. Најавено е дека работна група при Министерството за финансии ќе работи на посебен ( Lex specialis ) закон, но претходно, најверојатно, ќе биде донесен и најавениот нов Закон за спречување на перење пари и финансирање тероризам. Овој АМЛ ( antymoney laundering ) закон во голема мера ќе придонесе за регулација на повеќе значајни сегменти од новата виртуелна економија и за прв пат ќе ги дефинира криптовалутите, поточно во законот ќе се оперира со терминот ,,Виртуелни средства” . Така, од нацрт законот јасно произлегува дека конечно ќе се дефинираат и уредат термините како : виртуелни средства, даватели на услуги поврзани со виртуелни средства, размената и услугите поврзани со виртуелните средства, управување со портфолија на виртуелни средства, криптомати, паричници, дури и организација на платформи за тргување со виртуелни средства и јавни понуди.

Ова ќе го создаде неопходниот легислативен амбиент за позасилена економска активност во оваа сфера и во нашата држава.

В.З.

 

Слични содржини