Гошевски: Потребно е мерење на факторите колку од инфлацијата е увезена, а колку е „домашна“

од Nikola Popovski

Сугестиите и ставовите на наднационалните институции како ЕЦБ или ММФ секако дека одат во насока на рестриктивна даночна политика, со поголемо зафаќање на приходите со цел преку Буџетите на државите да се бајпасира кризата и да се распределува помошта онаму каде што е најкритично. Од друга страна, секоја држава суверено ги проектира буџетските приходи врз основа на сопствени програми. Има држави кои најавија намалување на одредени даноци, вели во интервју за „Локално“, адвокатот и поранешен даночен советник во УЈП во периодот 2017-2019 година, Душко Гошевски.

Околу обвинувањата на опозицијата дека инфлацијата во земјава е повисока отколку во повеќето европски земји, Гошевски вели дека има неколку видови на индекси за мерење на инфлација и, кога одредено економско прашање ќе стане политичко прашање, сосема е возможно и очекувано да се влечат заклучоци кои одговараат на одредена теза.

Главниот економист на Европската централна банка (ЕЦБ) Филип Лејн предлага да се оданочуваат високите приходи и супердобивките на компаниите за да се финансира помошта за најсиромашните во услови на инфлација и да се избегне зголемување на јавниот долг. Треба ли да се преземат слични чекори и во земјава?

Сугестиите и ставовите на наднационалните институции како ЕЦБ или ММФ секако дека одат во насока на рестриктивна даночна политика, со поголемо зафаќање на приходите со цел преку Буџетите на државите да се бајпасира кризата и да се распределува помошта онаму каде што е најкритично. Од друга страна, секоја држава суверено ги проектира буџетските приходи врз основа на сопствени програми. Има држави кои најавија намалување на одредени даноци.

Во моментот има отворен спор помеѓу ММФ и новата влада на Велика Британија околу најавената даночна реформа и отворена препорака да се преиспита намалувањето на одредени даноци кои можат да доведат не само до социјална нееднаквост, туку и до намалување на кредитниот рејтенг на Британија( Мудис).

Кај нас дебатата е повеќе во проширување на даночната основа и кратење на ,,субвенциите’’ таму кадешто постоеја во законските одредби отколку во зголемување на даночните стапки.

Зошто инфлацијата во Македонија, барем според опозицијата, е повисока отколку во повеќето европски земји? Дали е точно дека скокот на цените е увезен или се вклучени некои внатрешни фактори?

Има неколку видови на индекси за мерење на инфлација и, кога одредено економско прашање ќе стане политичко прашање, сосема е возможно и очекувано да се влечат заклучоци кои одговараат на одредена теза. Не ми е познато дали е извршено мерење на факторите колку од инфлацијата е увезена, а колку е ,,домашна’’. А има и неделливи фактори. На пример- поскапувањето на парното особено влијаеше во августовското мерење на индексите, додека цената на струјата ги покачува цените на домашни капацитети, како што е случај кај туризмот. Но, во секој случај, инфлацијата е глобален феномент со кој се справува цел свет, а особено Европа. Балтикот како регион во Европа има најголеми стапки на инфлација во моментот.

Како го оценувате концептот за даночна реформа кој го „турка“ министерството за финансии и за кој имаше јавни дебати во текот на летото?

Концептот не е во зголемување на даночните стапки, туку во проширување на даночната основа. Даночните реформи се повеќе во насока на консолидирање на даночниот систем за намалување на поволностите кои ги имале досега некои гранки, а со цел да се зголеми даночната усогласеност. Прашањето околу придонесите на договорите на дело останува можеби најгорливиот елемент од тој сет на мерки и Министерството за финансии ќе го има последниот збор по завршувањето на сите консултации.

Колку реформата ќе значи воспоставување праведен даночен систем и дали во услови на криза таа би значела нов товар за оние што веќе плаќаат даноци?!

Реформата секако ќе донесе товар кон тие индустрии и лица кадешто досега имало даночни поволности, а сега истите ќе се скратат. Некои од даночните ослободувања се дадени уште со старт на некои индустрии како мерки на законска подршка, некои се дадени во одредени моменти поради поддршка или антирецесиска мерка и.т.н. Веројатно анализите покажале дека дел од тие дејности заздравеле или се развиле доволно, за да можат да го поднесат даночниот товар.

Земјава со години како да „бега“ од прогресивно оданочување, иако оваа влада пред 6 години го воведе но потоа се откажа од неговото користење. Прогресивен или рамен данок повеќе одговара за земјава, според вас?

Факт е дека треба да има поправедно одданочување и зафаќање на одреден процент од најбогатите, за да може преку редистрибутувниот систем на буџетот да стигне онаму каде што е најпотребно. Сосема е друго прашањето дали 1000 ЕУР примања ќе го сметаме за богат прилив или ќе се покачи горната граница за прогресивниот концепт. Има секако и други можности- самиот министер најави концепт за оптимизиран данок. Најширок консензус по вакво прашање е скоро невозможно да се создаде, потребно е на база на анализа и, секако, со оглед на моменталната состојба да се носат соодветни решенија. За мене лично поважни прашања се како ќе се одвива зеленото одданочување во услови на енергетска криза и како ќе се следи техничко-технолошкиот развој, од процентот на наплата на личен данок кој ќе е во децимала во буџетот.

Кои се клучните предности и кои се слабостите на локалната економија и воопшто економската политика во овој момент, имајќи ги предвид актуелните настани во Украина и светот?

Нашите проблеми и слабости се оние кои се стандардни кај земјите во развој и транзиција,станува и заморно да се напоменуваат секогаш а без посериозен ефект.

Но исто така, ние сме држава која е ограничена со ресурси (енергетски пред се) немаме пристап на море и ползување на тој вид на траснспорт и диструбуција и единствената шанса ни е во еконосмско консолидирање на база на нашите постојни ресурси.

Единствена шанса за поголем исчекор е во зелената енергија чија што транзиција во светот веќе започна а на нас конечно сонцето ни се насмевна не само како симбол туку и како ресурс за спас!

В.З.

Слични содржини