Гошевски: Прогресивен данок на примања од 1000 евра не е суштинска реформа, туку казнување на успешноста

од Берта Китинска

Нема покомплексно мирнодопско општествено прашање од видот и моделот на даночниот систем.Секоја дебата за даночната реформа во принцип е суштествена, општествена, но и политички детерминирана и тоа ја прави комплексна, вели во разговор за „Локално“, Душко Гошевски даночен адвокат.

Според него „нема лош момент за добра даночна реформа“.

-Сметам дека зголемувањето на данокот е конципиран во неколку сегменти и врз основа на анализи и препораки и дека повеќе се работи за принципиелно усогласување, отколку за реалниот даночен и буџетски импакт, појаснува даночниот консултант.

Гошевски напоменува дека во држава во која има воспоставен платежен систем, извозот и увозот е уреден системски, „не можете да оперирате со бројки дека повеќе од една третина од БДП ви е сива економија“.

Во моментот, во даночната дебата во која особено преовладува прашањето за моментот на носење на оваа реформа, имаме крајно спротивставени ставови, со компаративни примери за зголемување на даноците во одредени држави како Шпанија и Полска или примери за намалување на даноците како во Германија. Дали е ова вистинскиот момент или не со оглед на енергетската и економската криза итн.?

-Нема лош момент за добра даночна реформа, и обратно.Проблемот кај нас како општество е што не се проникнува доволно во стратешка анализа на нашиот економски и даночен систем, па следствено на тоа да се планираат даночните политики. На пример, иако се јавни податоците околу буџетските приходи и расходи, ретко се зборува за нивната структура од која може да се извлечат и паралели и основи за даночна реформа. А, токму од таа структура се гледа профилот на дејности на нашата економија, што е многу важно прашање.Во дебатата изминатите години преовладува прашањето за прогресивниот данок, па сакам низ бројки да појаснам за каков обем на ставка се работи.
Ако се погледне питата ( структурата на приходи) на Буџетот, јасно е дека даночните приходи учествуваат со две третини во буџетот или над 65 %. Останатото се претежно царинските акцизи, но и други такси, надоместоци, концесии и сл.Буџетските/даночните приходи кои ги наплаќа УЈП се скоро изедначени- половина отпаќаат на даноци, а половина на социјални придонеси.

Од даноците, најголем дел- над 60% отпаѓа на ДДВ , околу 25 % на личен (персонален) данок на доход и помалку од 15 % отпаѓа на корпоративниот данок, односно данокот на добивка.

Значи персоналниот данок, кој е 25% од даночните приходи, е 7 % од вкупните приходи на буџетот на РСМ!Дополнително, ако се разгледа само тој вид на данок, од тие 7% од личниот ( персонален данок), околу две третини или скоро 70% отпаѓаат на личниот данок кој што се плаќа на платите. Реалниот процент од буџетот на персоналниот данок ( без данокот на плати) од договори на дело, од капитал, од земјоделство, од самостојна дејност, од игри на среќа и.т.н е само 3% од Буџетот !

Процентот на данокот на добивка е околу 4% од Буџетот!Звучи фрапантно, но тие се бројките. Јавни се и секој може да ги провери. И истите со години и децении се движат во слична структура и обем на приходи.Оттука, природен и јасен е ставот на секоја даночна власт да тежнее да го зголеми учеството на персоналниот данок и на корпоративниот, односно данокот на добивка во вкупното учество. Тоа (треба да) е одраз на здрава економија и усогласен даночен систем.

Но, исто така, јасно е дека без разлика на помали или поголеми корекции во даночниот систем кај персоналниот данок или данокот на добивка, истиот нема да има силен даночен импакт, бидејќи заедно се вкупно 10-11 % од буџетот на РСМ.

Сметате ли дека реформата е праведна?

-Како што истакнав, даночните реформи се повеќе во насока на реформирање на даночниот систем со цел да се зголеми даночната усогласеност, отколку што би имале некаков силен или голем буџетски импакт. И треба да се продолжи во таа насока, ако сакаме да се усогласиме со современите даночни системи. Токму затоа, најновите предлози за даночна реформа се претежно во делот на данокот на добивка и на персоналниот (личен ) данок на доход. Доколку е створена акутна потреба од зголемување на приходната страна на буџетот, тоа може многу поефикасно да се направи со едноставно зголемување на 1 процентен поен кај ДДВ. Но, иако тоа би ја наполнило државната каса, не го решава проблемот на даночна усогласеност и поголемо зафаќање кај другите даноци кои што се одраз на здравото ткиво на економијата и поправично одданочување.

Дополнително, светските финансиски организации прават компаративни споредби на даночните приходи во однос на БДП ( бруто домашниот производ ) и витално е зголемување на процентот на даночни приходи во вкупните приходи. Кај нас даночните приходи се некаде околу 17 % од БДП, додека во најголем дел од европските држави се меѓу 20% и 30% .
Инаку, поголем дел од најавените даночни реформи, како придонесите за договорите на дело или оданочувањето на заштедите не се предлагаат по прв пат и тоа кажува дека предлагачот поголем временски период го има анализирано тоа подрачје како даночна основа.

Дали треба да се верува на најавите дека ќе се зголеми даночната основа но не и даночните стапки, дека реформата ќе продуцира повисоки стапки на економски раст а со тоа и на животниот стандард на граѓаните?

-Вистинските прашања во дебатата кај нас се токму тие. Околу даночната основа. Има една една хронична состојба со даночната основа кај данокот на добивка за кој никој не дебатира посуштествено.

Имено, по светската економска криза во 2008 година, преку измена на даночната легислатива привремено се ,,замрзна,, данокот на добивка што беше поздравено од бизнисот во тоа време како добра антирецесиска мерка. Но, тоа создаде дупка во буџетските приходи по тој основ и почна да се зголемува даночната основа преку проширување на ставките кои не се признаваат за (оправдан) трошок, односно таканаречените непризнаени расходи. И така, од 2009 до 2014 година не се плаќаше данок на добивка, туку се плаќаше данок на непризнаени расходи. Дури и така се викаше биласот кој го поднесуваа фирмите, Биланс за оданочување на непризнаени расходи.

Во 2014 година се ,,врати“ данокот на добивка, но остана и данокот на непризнаените расходи и сега, како во ретко кој даночен систем, имаме годишни сметки на кои се плаќа и данок на добивка и данок на непризнаени расходи. Мислам дека тие се вистинските прашања кои треба да се адресираат, кои се вистински непризнаени расходи, а кои се реални и што треба да биде даночна основа.

Една од поголемите ставки во тие признаени или непризнаени расходи е и реинвестицијата која сега е дел од реформата и која, во најголем дел, ги загрижува бизнисмените кои ја користеа оваа мерка. Односно, тие што ја реинвестираа добивката ја намалуваа даночната основа за плаќање на данок на добивка. Јасни се позициите и ЗА и ПРОТИВ, дебатата може само да придонесе за поквалитетно решение по ова прашање. Треба да се размисли дали укинувањето на можноста за реинвестиција ќе ја дестимулира економската активност и инвестициите.

Дали наместо зголемувањето на данокот потребни се некои мерки?

-Сметам дека зголемувањето на данокот е конципиран во неколку сегменти и врз основа на анализи и препораки и дека повеќе се работи за принципиелно усогласување, отколку за реалниот даночен и буџетски импакт.И посебно се искривува дебатата и дискурсот со постојаното свртување на темата во популистички и популарни мерки како прогресивното одданочување. Ние не сме изолиран остров, мора анализата да се прави и компаративно со даночните стапки кои важат во соседството. Во светот, како глобално село, седиштето се менува за неколку часа и трајно губите даночен резидент. Има бројни примери низ светот како даночните реформи влијаеле на губење на бизнисите кои се се повеќе мобилни.

За да ја оданочиме богатата класа, најпрво треба да создадеме таква класа и такви слоеви во општеството.Не мислам на 0.1% ултра богати за наши прилики ( и за нив лесно може да се најде модус за прогресивно одданочување) , туку за формирање на напреден среден слој во општеството. Ние сме сиромашна економија со ограничени перформанси и буџетските зафаќања се такви какви што се. Прогресивен данок на примања од 1000 евра не се суштинска реформа, туку казнување на успешноста кога сме во фаза на развој.

Косово на пример има прогресивно одданочување но од 4% до 10%, Во Бугарија е 10%.

Постојано сме во некаков налет на барање на посилна држава со силен буџет, без притоа како општество да поработиме на продуктивноста, конкурентноста и зголемувањето на економските капацитети, со што природно би дошло до зголемување и на приходите и на економската благосостојба на граѓаните.

Земете ја за пример Словенија, по територија слична со нашата има поголем извоз од една Грција и е најголем извозник од регионот. Дури и таму кога со зголемија персоналниот данок кој има распон од 16%-50% имаше голем одлив на млади кадри во околните држави пред се Австрија. Но силниот извоз ја ,,компензира,, таа одбитна ставка.

Дали сокриената даночна реформа дополнително би ја поттикнала сивата економија?

-Не сметам дека најавената даночна реформа може да ја поттикне сивата економија.На пример- најавата за одданочување на заштедите. Која е алтернативата ? Да се повлечат парите од банка и да се чуваат под перница ? На пример, ако некој има профит од 2% на годишно ниво на заштедите, сега ќе има 1.8% ( со плаќање на данок од 10% ). Небулозно е да се откажете од 90% добивка на заштедите само за да не платите 10% данок на вашата добивка на заштеда.

Има уште една, така да кажам, надуена прогноза околу сивата економија кај нас. Знам дека можеби многумина нема да се согласат со овој став, дополнително што многу релеватни институции имаат излезено со слични бројки, но да се тврди дека во земјата има 35-40 % на сива економија според мене е претерано.

Во држава во која има воспоставен платежен систем кој не прифаќа плаќања над 2-3 000 евра, во држава во која секој платата ја зема жирално, каде што готовинскиот промет е над 60% од вкупниот промет, каде извозот и увозот ви е уреден системски, не можете да оперирате со бројки дека повеќе од една третина од БДП ви е сива економија.
Нека се скенира и измери прометот на пазар од Струга до Делчево во обем и количина, сточни пазари, кванташки пазари, автопазари, сиви зони… сите заедно ќе имаат обем на еден поголем маркет.

Точно е дека секој којшто оперира во сивата зона треба да биде регистриран и внесен внатре во даночниот систем. Но најголем дел од тие оператори ( посебно трговците и пазарџиите) би потпаднале под годишен приход од 2-3 милиони денари, со што не би биле ниту ДДВ обврзници, ниту обврзници за данок на добивка. Даночниот систем е исклучително поволен за малите трговци кај нас.

Затоа сметам дека сивата еконимија не може да има зафаќање на една третина од вкупната економија, особено не во напредна трета деценија на 21 век, каде што под притисокот на дигиталната доба и модерниот финансиски систем скоро секоја транскација е жирална и под опсервација. На пример ако имаме БДП од 10 милијарди, да се тврди дека имаме сива економија од 4 милијарди е премногу. Има сива економија, и потребна е битка со даночната евазија но треба да имаме конкретни истражувања и бројки за да знаеме со што се соочуваме и какви треба дани бидат очекувањата. Не верувам дека сивата економија е повеќе од 20% што исто така е многу висок износ.

Мислам дека флоскулата за толкава сива економија и дека тоа е единствениот проблем на нашата еконимија е рецидив од минатото и никој не сака да го смени дискурсот на јавната дебата, барајќи си изговори за нашиот економски и претприемачки неуспех на отворениот пазар.

Б.М.

Слични содржини