Господине Заев (3)

од Vladimir Zorba

Сеништето језуитизам кое Маркс, во својот Комунистички манифест од 1848 го викаше „баук“, ја демне секоја политичка структура. Или „организација“, како што го викаше Делчев своето ВМРО. Со своето демонско лице се појавуваше како сталинизам, хитлеризам или франкизам. Кај нас како груевизам.

atanas-vangelov

Знае тоа сениште да си навлече и невина, милолика маска – „ефикасност.“ Таа маска си ја навлекува кога се јавува ургентна потребата да се стегне некоја политичка структура, да се направи цврста, “монолитна“ и тоа од две крупни причини: првата е да преживее кога е изложена на жесток прогон. Од таа причина прозлегува втората: за да дојде до главната цел на својата идеологија – слобода и правда, треба да биде “ефикасна.“

За таа „ефикасност“ размислуваше многу писателот Албер Ками во својата култна книга “Побунетиот човек“ (L’homme révolté, 1952), која се занимаваше со духот на државниот терор од фашистички и комунистички тип. Не сум сигурен дека, кога би бил жив, Ками не би приклучил, кон својата дијада државен терор од фашистичко-комунистички тип, уште еден. Оној со кротка, демократска фасада која скрива деспотска душа. Како груевизмот кај нас, на пример.

Една од главните, клучни особини на „ефикасноста“ според Ками е таа што подразбира акција (agir кај него) која брзо и сигурно доаѓа до цел. Си има и своја добра причина (qui n’est pas gratiuit). А пак целта која треба да се постигне со сите располжливи, дозволени и недозволени средства е од онаа страна на доброто и злото (Ниче). Возвишените цели правда и слобода се тие кои, потоа, ги правдаат користените (и) валкани средства. Тоа е веќе зло-духот језуитизам на Игнацио Лијола. Не духот на политичката филозофија на Макијавели како што обично се вели. Богатата историја на политичките филозофии учи, меѓутоа, дека не можат да се остваруваат чисти, возвишени цели со валкани, ниски средства.

За духот на језуитизмот зборува и Крсте Петков Мисирков во својата статија “Шчо на нараифиме и шчо требит да наприме за однапред“. Веќе, во оној навод кој го дадов, а во кој вели што му следува на оној кој се решил да “критикуат“ луѓе од врвот на “организацијата“, тој подвлекува дека таа била “завиена во тајна“. На друго место уточнува: језуитизмот нема ништо заедничко, „општо“, со политичка структура од кој било вид. И затоа треба да се отстрани тој зол дух како практика: „Слободијата на совеста јет признаена на секаде; она јет и ке бидит признаена и кај нас“; „Језуитите сет истерани, туку речи, од сите европејцки држави, за тоа шчо екслуатираа со народната совест.“

Ќе ги појаснам тие донекаде апстрактни мисли со пример.

Јас сум сега во ситуација да поставам свои луѓе во техничка влада до која се дојде по долги, исцрпувачки, мачни преговори со власта, откако меѓународната заедница се увери дека таа власт на криминален (Фетаи: “криминализација на изборниот процес“) начин доаѓала на власт. Јас го избирам најспособниот човек од луѓето околу мене, на висока партиска позиција, за местото министер на полицијата. Имам и добри причини за тоа. Треба да и покажам на јавноста дека располагам со погодни луѓе за идна влада која ќе ја извлече земјата од хаосот на груевизмот. Потоа, јас сум должен, како шеф на партија, да ги препознаам очекувањата (амбиции) на оние околу мене. Како што тие мора да водат сметка за очекувањата (амбиции) на оние околу нив. И така, со ред, до оние долу. Вистина, тука демне опасноста тие “долу“ да станат “слепи орадија за исполнуајн’е само на работи, диктуани од горни сообразуајн’а и интереси“, ама тоа е привремено. Тоа е само сега. Кога сме во етапа на освојување власт. Без тоа нема критичка доза на лојалност. А пак без лојалност нема ни дисцплина.

Сите тие се добри, разбирливи причини кои водат кон ефикасност за која е небитно или, поблаго, не толку битно прашањето дали тој човек, во овој момент е најпогодниот? Попогоден од некој човек кој работел со години во структурите на полицијата. Кој ја познава однатре. Кој има авторитет меѓу оние кои се тргнати настрана од лојалните и верни послушници на власта на Груевски. Власт која од МВР направила, според ексминистерката Јанкуловска ВМРО? Ако има некој таков попогоден човек (а безбели има) и ако од причините за кои веќе стана збор избегнувам до го поставам за министер на полицијата, тогаш прибегнувам кон – ефикасноста. Иако знам дека таа е од онаа страна на доброто и злото. Освен тоа, таа е свртена повеќе кон кохезијата на партијата што ја водам. Помалку кон онаа на државен механизам како инструмент на законот.

Ефикасноста знае само за законот сила и таа е – сила. Металниот чекан е подобар од дрвен за да се закове шајка. Тој е од онаа страна на доброто и злото. Не се прашува дали на дрвото во кое кове шајка му нанесува “примерена“ болка, ако може така да се рече. Во областа технологија не важат законите на моралот. Меѓутоа, луѓето во една структура како политичка партија, на пример, не се прости средства во рацете на политичка елита која ги користи како чекан да закове шајка врз капак од мртовечки кофчег за деспотска власт. Тие се цел. Било како единки на елита, било како единки на маса. Идеал на политиката е вредноста еднаквост. Таа не ги дели луѓето на елита и маса која служи како чекан.

Кога “привремено“, „само сега“ се трга настрана идеалот еднаквост, на дело е првиот чекор кога интерес на партија се стави над оној на држава. По првиот следува втор, полесен. Натаму, се знае, сè е лесно. Дури премногу лесно.

Атанас Вангелов

(Фејсбук статус)

Слични содржини