„Готово е, Рамос заминува од Реал“

од Stefanija Kuzmanovska

Со недели се шпекулираше дека има раздор меѓу Серхио Рамос и Реал и дека долгогодишниот капитен на мадридскиот клуб ќе си замине на крајот на сезоната.

Неговиот договор истекува во јуни и тој би заминал како слободен агент, а токму тоа го најави шпанскиот „Ел Чирингито“ ноќта помеѓу недела и понеделник.

Со наслов: „Готово е, Рамос заминува“, беше објавено дека двете страни не успеале да постигнат договор и дека поради тоа ќе има разделување по 16 години.

„Кралскиот клуб“ води политика да не нуди договори за играчи постари од 30 години повеќе од една година и не сакаа да ја менуваат таа политика дури и во случајот на Рамос.

На Рамос му беше понуден договор на уште една година за плата од 10.800.000 евра, што е за 10 проценти помалку од тековниот приход.

Капитенот дури побара двегодишен договор со 12.000.000 годишна плата, што Реал го одби неколку пати.

Преговорите главно се одвиваа преку менаџерот, а претседателот Флорентино Перез побара тој и играчот да се сретнат лично во декември.

Тие се обидоа да постигнат договор, но и тој состанок не помина добро.

Рамос пристигна во Мадрид во 2005 година од Севилја и оттогаш ги освои сите можни трофеи со Реал.

Во март наполни 35 години, а за неговите услуги се заинтересирани клубовите Пари Сен -Жермен, Ливерпул, Јувентус и клубовите на Манчестер.

Слични содржини