Гоце Делчев ги „скара“ Мицкоски и Џамбаски на Фејсбук објава на Заев

од Nikola Popovski

Голема преписка се случи на социјалните мрежи помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски под Фејсбук статусот на премиерот Зоран Заев, по повод 149-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Се започна откако европратеникот Џамбаски под статусот коментираше дека Македонската револуционерна организација е бугарска. По ова, имаше лавина реакции од македонски и бугарски граѓани, по што, во преписката се приклучи и Мицкоски.

„Зоран Заев, јавно пак ќе треба да напоменам дека „македонската“ револуционерна организација е бугарска. Според првиот Устав името на револуционерната организација е Бугарско македонско-одрински револуционерни комитети (БМОРК). Бугарски, Зоране, Бугарски, Заев. А Георги (Гоце) Николов Делчев, роден во бугарско семејство, во бугарскиот град Кукуш сам се определил како бугарски учител, бугарски офицер, бугарски револуционер, бугарски војвода во бугарската револуционерна организација“, напиша Џамбаски.

На овој коментар одговори Мицкоски, кој порача:

„Бидејќи гледам дека премиерот Заев реши да не ги брани македонските интереси, јас ќе одговорам дека ВМРО е Македонија, а Гоце Делчев е Македонец, и тоа еден од најсветлите ликови во македонската историја“, напиша Мицкоски.

На ова, бугарскиот европратеник му врати дека не внимавал на часовите по историја или пак учел титоистичко-комунистичка „верзија“.

„Организацијата ВМРО е основана од македонските Бугари под името Бугарски македонско-одрински револуционерни комитети. Имено, бугарски. Ова го вели првиот статут на ВМРО. И ова е единствената и неспорна историска вистина. Тие како основа ги земаат документите и статутот на Бугарскиот централен револуционерен комитет и комитетите ‘Саединение’, Целта е да се спроведе членот 23 од Бугарскиот договор, да се ослободи Македонија од турско ропство и да се приклучи на Мајка Бугарија. Следејќи го примерот на ‘Саединение’. Да, ВМРО е организација на македонските Бугари. И ова исто така е единствената и непобитна историска вистина. Партијата за која сте вие официјален или вистински претседател има во својата кратенка ВМРО. Затоа, бидете искрени или осознајте ја вашата историска одговорност или прекрстете си ја партијата“, му порачува Џамбаски на Мицкоски.

Европратеникот после тоа го сподели статусот на премиерот на својот Фејсбук профил и напиша:

„Колеги, и сите вие, искушувани од „македонското“ прашање и неговите бугарски корени, тука имаме културолошки историски спор. Ајде придружете се. П.С. Поканата не важи за грант „професорите“ од АОНСУ и дел од Македонците. Нивните зајачки срца нема да издржат“, напиша Џамбаски на својот профил.

Во меѓувреме, слични позиции на оние на Џамбаски беа изразени од Бугарскиот вицепремиер Каракачанов, кој на својот профил напиша дека Гоце Делчев се жртвувал за постоењето на Бугарија, односно за слободата на бугарскиот народ во Македонија.

 

Слични содржини