Говорот на омраза останува неказнет, државата реагира поажурно кога цел е некој политичар

од Milan1

Говорот на омраза е она што му претходи на секој конфликт, го разгорува истиот, а конфликтот и тензиите во едно општество завршуваат тогаш кога завршува и говорот на омраза помеѓу учесниците во тој конфликт.

Може да биде по различна основа но има ист ефект ги разорува општествата, особено онаму каде што живее население кое припаѓа на различни вери, нации, раси или постои голема политичка поделба.

Овој проблем е особено застапен последните години со развојот на социјалните мрежи, кога секој еден човек преку своите профили на социјалните мрежи може да пласира најразлични пораки.

Доколку биде приметен говорот на омраза најчесто тој е цензуриран како од самите социјални мрежи така и од МВР. Но со огледа на фактот што само во Македонија има над еден милион профили на Фејсбук, навремена е ефикасна регулација речиси е невозможна.

Говорот на омраза според законот на РМ е кривично дело а последната судска пресуда е против лице кое на Фејсбук навредувал новинар.

„Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) информира дека пристигнала судска пресуда во корист на ЗНМ за случајот каде што од профил на социјалната мрежа Фејсбук именуван како „Сашо Митев“ е напишан коментар под објава на Фејсбук страната на ЗНМ. Според пресудата од Основниот кривичен суд, на лицето Сашо Митев му се утврдува казна затвор од три месеци, која нема да се изврши доколку не го повтори делото во рок од една година по правосилноста на ова дело. Тој на Фејсбук страната на ЗНМ на 28.07.2021 година, напишал вулгарен коментар со омраза со следната содржина: „Племе да ви еб*м новинарско, пи**и лажговци задолжителен затвор за секој новинар кој шири паника овие година и пол, сечење јазик на секој новинар“, информираа од Здружението.

Но како што вели за „Локално“, програмскиот координатор во „Фондацијата Метаморфозис“, Филип Стојановски голем дел од граѓаните не се информирани за тоа што е говор на омраза, дека е кривично дело и како може да побараат заштита од државата доколку се најдат во таква ситуација.

„Во рамките на образовниот процес голем дел од нашите граѓани немале ни прилика да се запознаат со поимот говор на омраза, кој се однесува на еден вид кривични дела дефиниран во нашиот правен систем како земја-членка на Советот на Европа. Се работи за кривично дело, опфатено со Кривичниот законик, а не за било какво изразување што буди негативни чувства. Пријавување на кривичното дело говор на омраза на интернет се врши во одделението за компјутерски криминал на МВР ([email protected]), по што МВР ги проследува информациите до Јавното обвинителство (ЈО) кое одлучува дали ќе покрене истрага или не. Ако ЈО одлучи да покрене истрага, тогаш за собраните докази треба да одлучува Кривичен суд“, вели Стојановски.

Тој нагласува дека доколку некое лице или правен субјект  мисли дека жртва на говор на омраза тогаш тој освен од МВР може да побара помош и од некои други држани институции или невладини организации.

„Во такви случаи граѓаните исто така може да побараат заштита и од Народниот правобранител и од државната Комисија за спречување и заштита од дискриминација. За случаи на злоупотреба на радиодифузни и печатени медиуми за ширење говор на омраза е надлежна Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Граѓаните исто така се обраќаат за помош до граѓански организации што нудат правна помош, како Хелсиншкиот комитет за човекови права, кои имаат поставено и онлајн систем за пријавување на веб-сајтот (www.govornaomraza.mk), нагласува“ Стојаноски.

Но сепак според него овие дела поминуваат неказнети, бидејќи во најголема мерка државните органи одбираат да го игнорираат говорот на омраза и воопшто не постапуваат по пријави на граѓаните или граѓанските организации.

„Тоа не се случува ни по допрен глас, за ситуации кога јавно се шири говор на омраза, преку медиуми или онлајн платформи. Затоа во земјава најголем проблем е неказнивоста. Бројот на случаи за кои е спроведена истрага е многу мал, а оние кои дошле до суд се бројат на прсти. Од оние информации кои се достапни на јавноста, осомничени за говор на омраза добивале ослободителни пресуди. Овој проблем е поврзан и со прашањето на некомплетни реформи во судството, на кои постојано укажува и Европската Унија“, смета Стојаноски и нагласува дека сепак според јавно достапните информации за случаи кога цел на говор на омраза биле политичари, државните институции реагираат поажурно од ситуации во кои целта се граѓани, новинари или граѓански организации.

Што се однесува до МВР од таму информираат дека врз основа на нивната вкупната полициска статистика за кривичните дела од областа на говор на омраза за периодот од јануари 2018 година заклучно со ноември оваа година, на територијата на државата има евидентирано вкупно 137 кривични дела кои содржат елементи на омраза, за кои по преземени мерки при што кривично се пријавени 163 сторители.

Најголем број од делата се регистрирани во 2019 година односно 51 против исто толку сторители, во 2018 биле регистрирани 33 кривични дела против 52 сторители, а во 2020, 29 кривични дела против 30 сторители и оваа година (заклучно со ноември), 24 кривични дела против 30 сторители.

Според видот, пак, од вкупно регистрираните најбројни се кривичните дела „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ 61, за кои кривично се пријавени 60 сторители, потоа 58 кривични дела „ загрозување на сигурноста“, со кривично пријавени 56 сторители, како и 10 кривични дела „предизвикување на омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, со кривично пријавени 18 сторители.

Во помал број се застапени делата „насилство“, „расна и друга дискриминација“, „повреда на рамноправноста на граѓаните“ и „оштетување на туѓи предмети“.

А што се однесува однос на мотивот за извршување на делата како најдоминантна реална или претпоставена карактеристика преовладува политичката припадност или уверување, а застапени се и националноста, етничкото потекло, религијата или уверувањето, сексуалната ориентација и полот.

Стојановски вели дека нема јавно достапни официјални податоци за тоа дали МВР реагира подобро од минатото, ниту пак дали Јавното обвинителство и судовите повеќе се ангажираат да ги санкционираат случаите на говор на омраза на социјалните мрежи и дека имало низа случаи во кои граѓани пријавувале во МВР, но потоа Јавното обвинителство одлучувало да не ја продолжи постапката.

Ова според Стојаноски е сериоозен проблем бидејќи неказнивост ги обесхрабрува жртвите да пријавуваат повторно ако се цел на вакви напади а како пример ја наведува и организацијата каде што е кординатор „Метаморфозис“ кон која долго време  се води говор на омраза започнат од ноември 2020 година која со различен интензитет сè уште трае.

Говорот не омраза иако не секогаш во голем број на случаи доведува до физичко насилство, а може да доведе и до поголеми судири помеѓу припадници на различни групи па и до распад на цело едно општество.

Дебар е меѓу ретките градови во кој живеат Македонци и Албанци, а каде нема регистрирано ниту едно злосторство од омраза

По говорот на омраза она што следува како непишано правило се инциденти. Хелсиншкиот комитет веќе неколку години уназад ги бележи овие инциденти.

Така во 2020 година Комитетот  регистрираше вкупно 104 инциденти на злосторства од омраза. Мнозинството на инциденти биле потврдени преку проверка на дневните билтени на МВР и известувањата за случаите во медиумите.  

Етничката основа (76 инциденти) и политичката определеност (12 инциденти) повторно го заземаат најголемиот дел од основите за извршените злосторства од омраза во 2020 година се вели во извештајот на Хелсиншки комитет.

Повеќето од наводните кривични дела вклучуваат: Насилство (66), Телесна и тешка телесна повреда (8), Предизвикување на национална, расна, верска омраза, раздор и нетрпеливост (8), Разбојничка кражба (7), Оштетување имот (5), Сериозна закана (4), Сквернавење симболи (3) и Загрозување безбедност (3).

„Тенденцијата на зголемување на инцидентите на злосторства од омраза забележана во 2018 година, што продолжи во 2019 година, се чини значајно опадната 2020 година, при што поради ситуацијата со ковид-19 не е возможно прецизно да се предвидат причините за забележаниот пад во 2020 година“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Инцидентите од 2020 г. во оваа област воглавно се однесуваат на оштетување имот на СДСМ/ВМРО-ДПМНЕ или сериозни закани кон партиски членови или поддржувачи.

Поголемиот број инциденти – 72 (69,2 % од вкупниот број регистрирани инциденти) се случиле во Скопје и околните општини. Во Куманово се случиле 7 инциденти, во Битола 5, во Охрид 4, во Тетово 3, во Кичево, Велес, Струга и Прилеп 2 и по 1 инцидент во Крушево, Кочани, Делчево и Струмица, додека за 1 инцидент местото на случување е непознато.

Повеќето градови се наоѓаат во региони населени од побројно етничко малцинство на етнички Албанци (Скопје, Куманово, Кичево и Струга), етнички Македонци (Тетово и Гостивар).

Дебар е меѓу ретките градови во кој живеат Македонци и Албанци, а каде нема регистрирано ниту едно злосторство од омраза

Инцидентите во Скопје и неговата близина повторно се однесуваат на напади меѓу припадници на македонската и албанската етничка група и на оштетување на имотот на политички партии.

Најголем број од инцидентите во Скопје се случуваат во автобуси, повеќето од кои сообраќаат меѓу населби населени од етнички Македонци или Албанци.

Доколку се анализираат овие податоци може да се забележи дека последниов период има намалување како на говорот на омраза, така и на злосторството од омраза. Но со оглед на пандемијата не може да се каже дали тоа е резултат на повисоката јавна свест за толерантност во општеството или пак поголемата затвореност на луѓето во пандемиски услови.

М.М.

Слични содржини