Град Скопје: Ниту камион возел преку плоштадот, ниту пак пропаднал во фонтаната

од Nikola Popovski

Град Скопје попладнево ја демантираше веста кои ја објавија дел од медиумите дека повторно пропаднал камион кај фонтаната на плоштад Македонија.

-Вистината, доколку медиумите кои објавија за наводно пропаднат камион на плоштадот „Македонија“ се интересираа, е дека овој настан не се случил. Ниту камион возел преку плоштадот „Македонија“, ниту пак пропаднал во фонтаната, велат од Град Скопје, барајќи од одредени медиуми соодветно да ги проверат информациите кои се пласираат на социјалните мрежи, како што велат, „креирани во партиски кујни, и ги претставуваат како кредибилни“.

Од таму додаваат дека секој приод кон плоштадот „Македонија“ по последниот инцидент пред прославата за Нова Година кога пропадна комбе на странски државјанин во подземната фонтана, е забранет за возила и физички со поставени столбови е оневозможен.

-Фонтаната на плоштадот „Македонија“ е оградена и обележана, и е оневозможен пристап за возила кои би можеле да поминат врз истата (фото во прилог од денешна ситуација), се истакнува во соопштението.

Денешната објавена фотографија е всушност од минатата година, кога камион пропадна кај фонтаната, и од непозната причина повторно беше објавена, при што настана конфузија.

Досега во четири наврати возило беше паднато во нефункционалната фонтата на плоштадот.

Слични содржини