Град Скопје ќе го процесуира и рециклира градежниот отпад

од Vladimir Zorba

Град Скопје, Смарт Ап (НВО во склоп на Скопје Лаб ) и ЈП Дрисла се добитници на ИПА проект за Управување со градежен отпад и негова повторна употреба.

Вкупната вредност на проектот 800.000 евра, а ќе се реализира две години, инфоормираат од Градот и најавуваат дека е предвидена набавка на соодветна механизација како дробилица за градежен отпад, камиони за транспорт и механизација за сортирање на различни видови на отпад.

-Со проектот имаме за цел да ги детектираме и мониторираме неконтролираните депонии со помош на ГИС системи, а податоците кои ќе се генерираат ќе бидат дата база за инвентар и првични официјални информации за иницијално идентификување, дигитализирање и набљудување на градежниот отпад, велат од Градот и додаваат дека крајните корисници на услугите, како и на придобивките од овој проект се Градот Скопје, Јавното Претпријатие Дрисла, градежните компании и секако граѓаните на Скопје.

Во конзорциумот на имплементатори на овој проект, прецизираат, се вклучени и пионерите во воведувањето на циркуларна економија и рециклирање на отпад, Нова Горица од Словенија, државата која успешно ја спроведе стратегијата Нула Отпад.

-Градот Нова Горица ќе биде вклучен во сите процеси на развој и имплементација на овој проект, ќе биде добар пример и ќе му помогне на конзорциумот во реплицирање на проектот на локално ниво. Општината Нова Горица и РРА Северна Приморска ќе ги споделат нивните успешно имплементирани проекти, правните и економските аспекти и секако нивните препораки, истакнуваат од Градот.

Со реализацијата на проектот, додаваат, се очекува да се зајакнат капацитетите на локалната власт во однос на обучен кадар во областа на циркуларните принципи и креирање на нови работни места кои ќе бидат пионери токму во оваа гранка, воведување циркуларна економија, намалување на бројот на нелегални депонии за градежен отпад и шут за 20 отсто, како и намалување на градежниот отпад во целост за 30 отсто.

-Со оглед на фактот што градежниот сектор претставува значителен столб во целокупната економија, а на Скопје и Скопскиот плански регион му недостига модерен регионален центар за процесирање и рециклирање отпад, со воведувањето на циркуларни принципи токму во оваа гранка, ќе има огромно влијание врз индустрија. Според направените истражувања Северна Македонија генерира околу 1,95 милиони тони градежен отпад годишно. Како земја кандидат, државата ќе мора да се придржува на регулативите за управување со отпад и барањата на ЕУ во делот на циркуларната економија, посочуваат од Градот.

Слични содржини