По вчерашната бурна седница во Советот на Град Скопје и кавгите и обвинувањата откако претседателот на Советот го стави на гласање заклучокот за зголемување на цената по изминат километар за приватните превозници, денеска од Град Скопје информираа дека постигнат е договор во рок од 15 дена, независни експерти да направат анализа колку точно ќе добијат зголемување по извозен километар.
На денешниот координативен состанок во градската управа е донесен заклучок според кој во рок од 15 дена треба да се изготви анализа во која согласно утврдената методологија ќе се утврдат реалните трошоци за извршување на услугата јавен превоз, од страна на експерти вешти лица, претставници на стручните служби на Град Скопје од соодветните сектори и со земање на предвид на поднесените податоци од страна на претставниците на приватните превозници.
Ова значи дека приватните превозници од утре ќе продолжат да возат и дека во понеделник нема да го блокираат Скопје, иако претходно имаше такви најави.
-Анализата со предлог решение и одлуки да се презентира од страна на стручните служби на 16 декември пред истиот состав на координативен состанок, по кој членовите на Советот на Град Скопје ќе имаат можност да се изјаснат со носење на одлука со која ќе се изврши корекција на надоместокот за приватните превозници од страна на Советниците во Советот во Град Скопје, стои во соопштението од Град Скопје.
Иако влегоа со оптимизам, советниците на Град Скопје жестоко се расправаа за зголемувањето на цената од 70 на 100 денари по изминат километар. Оние од ВМРО-ДПМНЕ со став дека со ребаланс на Буџетот може да се обезбедат средства, додека опозиционерите со објаснување дека ребаланс може да се прави до 15-ти ноември. Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески потсети дека Владата прогласи кризна состојба во јавниот превоз.
Отсуството на приватните превозници само го продлабочи хаосот со јавниот превоз. ЈСП е со блокирана сметка поради долг кон добавувачот на нафта. И додека директорот Драган Кушовски тврди дека блокираната сметка нема да влијае на исплатата на платите, бидејќи се работи на деблокада, граѓаните не знаат дали ќе наиде автобус.