Актуелно
Почетна / Локално / Град Скопје: Во Буџетот за 2020-та се предвидени средства за чистење на депонијата во Ѓорче

Град Скопје: Во Буџетот за 2020-та се предвидени средства за чистење на депонијата во Ѓорче

Во пресрет на граѓанскиот протест закажан за утре (07.12.2019 година), во врска со загадувањето кое потекнува од депонијата во Ѓорче Петров, Градот Скопје сака да ги увери граѓаните дека борбата за здрава и чиста животна средина е приоритет на градската администрација и на ова прашање се работи секојдневно, и во сезоната кога има загадување, но и во сезоната кога нема загадување.

Во Буџетот на Град Скопје за наредната 2020 година, што е во подготовка, се одвоени средства за чистење на неколку поголеми диви депонии во градот, а меѓу нив е и расчистувањето на депонијата во Ѓорче Петров. Оваа депонија со децении ги загадува и нагрдува околните населени места, но со планираните активности екипите на Град Скопје ќе го расчистат натрупаното ѓубре, а просторот ќе го облагородат.

Градот Скопје континуирано спроведува акции за чистење на јавните површини, како и за расчистување на дивите депонии. Само за илустрација, за две години, за периодот ноември 2017 – ноември 2019 година од дивите депонии во градот е расчистен отпад од 12.666 кубни метри.

Инспекторите и комуналните редари на Град Скопје во последниве две години ги засилија контролите на терен што резултираше со зголемување на казните и опомените и видливи резултати, значително подобрени во однос на претходните години. Така, во јули годинава беше поднесена првата кривична пријава во историјата на Скопје за неовластено фрлање смет, со што Град Скопје ја потврди заложбата за почиста и поздрава животна средина. Во овој случај, стануваше збор за лице фатено на самото место, на улицата Александар Урдаревски во општината Бутел.

Борбата за поздрава и почиста средина е процес кој трае без прекин и во неа треба да бидат вклучени и надлежните институции, но и граѓаните со своето одговорно однесување. Само заедно, со заеднички напори, може да ги достигнеме стандардите кон кои сите тежнееме, а граѓаните да го остварат своето право на чиста и здрава средина.

loading...