Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат бојкот на настаните организирани од Арсовска

од Берта Китинска

На денешниот увид во реконструкцијата на улицата Перо Наков, каде присуствуваше градоначалничката Арсовска не беше придружувана од градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.

Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираа дека Стефковски не добил покана за присуство на прес-конференцијата и најавија дека во иднина ниту еден градоначалник од партијата нема да присуствува на настаните кои ќе ги организира градот.

-Поради немањето на соодветна и нормална комуникација што треба еден градоначалник на Град Скопје да ја има за добробит на градот, како и поради неисполнувањето на обврските од ветеното од програмата „За модерно Скопје, поради кој и беше дадена довербата на градоначалничката Арсовска, но и нејзината силна инволвораност во сомнителни и криминогени зделки ВМРО-ДПМНЕ во целост се оградува од однесувањето на Арсовска и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствуваат на ниту еден настан на градоначалничката Арсовска. Нека и е честито новата коалиција на уценетата Арсовска и дезертерот Ковацевски – се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

На денешната прес-конференција Арсовска беше прашана од новинарите зошто градоначалникот на Гази Баба, Стефковски не е дел од прес-конференцијата, но таа не даде одговор.

Таа денеска повтори дека приоритет и е интересот на граѓаните и не сака да навлегува во политички пресметки.

-Во изминатите месеци многу работи се случуваа. Знам дека се соочувам со една, ако можам така да кажам, машинерија и луѓе кои што сега во овој момент не им е мило за тоа што се разобличува сето она кое што сакале да кажат дека некој друг можеби го прави во изминатиит период. Што се однесува до мене, јас не се плашам а дали тие планираат нешто да преземат или не, тоа оставам на нив, Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје.

Кавгата меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ почна откако таа го смени директорот на „Водовод и канализација“, Златко Перински, а оставка даде и секретарот на Градот, Ѓоко Велковски, кои се членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини