Актуелно
Почетна / Бизнис / Граѓаните ги полнат торбите со македонски производи, во најава картички за пензионери и пасивни баратели на работа

Граѓаните ги полнат торбите со македонски производи, во најава картички за пензионери и пасивни баратели на работа

Гужви пред банките и маркетите може да се забележат во последните неколку денови. Причина за тоа се платежните картички кои беа доделени на дел од граѓаните како поддршка поради пандемијата од Ковид-19.

Граѓаните кои веќе ги добија своите домашни платежни картички „Купувам домашно“, започнаа со пазарувањето во маркетите. Трговците веќе ги имаат обележано рафтовите и гондолите на кои се продаваат производи со македонско потекло.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски најави и четврти сет економски мерки за справување со последиците од корона-кризата, со доделување платежни картички и за пензионери, стечајни работници, невработени што не се активни баратели на работа, како и за секој самохран родител.

– Пензионерите со пензии до 15.000 денари треба да добијат еднократна парична помош од 9.000 денари, додека стечајните работници за трошење ќе имаат 12.000 денари за купување домашни производи – рече Спасовски.

Пред извесно време министерката за финансии, Нина Ангеловска соопшти дека се проширува листата на продавници во кои може да се плаќа со домашната платежна картичка.

„Уредбата за домашната платежна картичка беше дополнета и сега граѓаните со домашната платежна картичка може да купуваат домашни производи и услуги во: хотели, одморалишта, кампови и други објекти за сместување, туристички агенции и оператори, ресторани, достава и подготовка на храна и пијалаци, супермаркети, продавници за храна, зарзаватчилници, пекарници, мебел, осветлување, производи за домаќинства, книжарници и продавници за книги, спортска опрема, продавници за облека, обувки, предмети од кожа, аптеки и фризерски салони и салони за убавина и други услужни дејности“, објави Ангеловска.

Крајниот рок за добивање картичка е 18 јули Домашната платежна картичка ќе ја користат 324.479 корисници. За оваа мерка Владата ќе даде 28 милиони евра за да ги поддржи граѓаните, но и домашното производство и услуги во надминување на КОВИД-19 кризата.

loading...