„Граѓаните“ играат фудбал без напаѓачи – и имаат серија од 18 „жртви“

од Stefanija Kuzmanovska

Може ли некој да го запре загреаниот Манчестер Сити? Машинеријата на Пеп Гвардиола забележа 18 победи во сите натпреварувања, од кои 13 врзани во Премиер лигата и му избега на второпласираниот Лестер со 10 бода по 25 одиграни кола.

Начинот на кој Манчестер Сити споделува лекции за фудбал со ривалите ширум Островот е фасцинантен, но тоа никого не треба да изненадува, бидејќи творец на нереалната серија е Каталонецот Пеп Гвардиола, каде секој фудбалер, почнувајќи од голманот, мора да биде „писмен играч“.

Бидејќи Кун Агуеро и Габриел Жесус се често повредени, ова првенствено се однесува на Аргентинецот, кому полека но сигурно и годините му земаат данок, „граѓаните“ се осудени да играат без класичен напаѓач.

Многумина би требало да кренат паника поради тоа, но не и Гвардиола. Еден од најсовршените тренери на денешницата, кој е целосна спротивност на Жозе Мурињо и Чола Симеоне, кои форсираат „здодевен фудбал“ и игра на резултат, едноставно ужива во фактот дека има уште 10 играчи со голманот, кои сите заедно прават совршена комбинација и казнена експедиција.

Титулата шампион на Англија практично повеќе не е доведена во прашање, додека во среда се очекува да играат против Борусија Менхенгладбах во Лигата на шампионите.

Останува да видиме како германскиот претставник ќе им се спротивстави на Гвардиола и неговите играчи од средниот ред кои „глумат“ напаѓачи и никој не може да им застане на патот.

Слични содржини