Граѓаните со предлози можат да го именуваат Младинскиот центар во екс матично

Во рамки на проектот за зајакнување на општинските совети, Општина Центар во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП, го реконструираат објектот на поранешно „Матично“, кој треба да стане современ општински Младински центар.

Граѓаните на веб-страната на Општина Центар, centar.gov.mk, можат да дадат предлог за името на центарот. Победничкото име ќе биде јавно објавено по завршувањето на собирањето на предлозите и изборот на победничкиот предлог.

Проектот за реконструкција и пренаменување на објектот на поранешно „Матично“, кој се наоѓа во општинскиот двор, произлезе од одржувањето на граѓанските буџетски форуми во 2019-та година. На форумите покрај Матично, уште два предлог проекти добија поддршка за реализација – сензорните соби во трите центарски градинки и отворените културни сцени.

Градоначалниците на Општина Центар и Град Скопје, Саша Богдановиќ и Петре Шилегов, на почетокот на ноември ја најавија изградбата на новиот Младинскиот центар, каде после изминати неполни три месеци, градежните работи се на самиот крај.

Реконструкцијата опфаќа поставување нова фасада и покрив, внатрешно уредување на објектот, реконструкција на санитарниот јазол, промена на внатрешниот водовод, санирање на фекалната канализација, нови санитарии, ново електрично осветлување, телефонско и компјутерско вмрежување, видео мониторинг систем, како и громобранска и против пожарна инсталација.

Реконструктивниот зафат чини 6.941.282,00 денари со пресметан ДДВ. Општина Центар обезбеди 83 проценти од финансиските средства, односно 5.768.074,00 денари од Буџетот на општината за 2020-та година, а останатите 1.173.208,00 денари беа обезбедени од Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP), во форма на донација.

Слични содржини