Граѓанска иницијатива: Да се врати пораката на Тито на ѕидот на Музејот на град Скопје

од desk4

Да се врати Титовата порака за солидарност на ѕидот на Музејот на град Скопје, бараат граѓаните, чија иницијатива заживеа и на Фејсбук. Според нив, пораката не е обична, таа има културолошка и едукативна вредност, а солидарноста како концепт е нешто што секое здраво општество го негува.

„Тоа не е обична порака. Тоа е едно ветување дека ќе се изгради поубав град, со солидарна помош. Тоа ние го направивме, односно го добивме. И како гест на респект, на извонредна почит кон тој момент и тој период. И воопшто кон феноменот на солидарност. Едноставно тој концепт, е нешто што секое здраво општество го негува“, вели архитектот Даница Павловска.

Пред 17 години беа извадени буквите од стиропор, а пораката се читаше од отисоците на лепилото за букви. Но, по 7 години и бронзените табли со пораката беа целосно извадени, со образложение дека салата затворена со нив, ќе се реновира. Идеолошки разлики на претходната власт со поранешното социјалистичко уредување , беа причина пораката да се тргне од ѕидот, смета актуелната в.д. директорка на Музејот на Град Скопје. Според неа, иницијативата за враќање на Титовата порака за солидарност, е во процедура.

„ Зградата на Музејот на град Скопје, е споменик на културата. Значи, за сите можни интервенции на неа и околу неа, се добива одобрување од Конзерваторскиот центар и од Управата за заштита на спомениците. Јас можам да речам дека првично се обратив до Конзерваторскиот центар. Претпоставката е дека нема да има проблем“, изјави Фросина Зафировска- в.д. директорка на Музејот на град Скопје.

Од Град Скопје, кој е надлежен за Музејот , велат дека позитивно ќе одговорат на барањето.

„Барањето е ставено во процедура. Предвидено е во претстојниот период, кога ќе започне одбележувањето на 55 годишнината од Скопскиот земјотрес, на еден од настаните да бидат откриени старо -новите букви од пораката на Тито“, соопштија од Град Скопје.

А, се јавија и од Министерството за култура.
„ Кој ги извадил буквите, тој треба да ги врати назад“ е ставот на министерството.

Доколку барањето помине кај сите надлежни , ќе следува период за решавање на новиот изглед на пораката и за изборот на материјал, од кој ќе бидат направени буквите.

Извор: Телма

Слични содржини