Граматиков: Туристичката сезона ќе ја спасиме само ако ги убедиме гостите од странство дека сме безбедна дестинација

од Vladimir Zorba

Туристичко- угостителската комора е исклучително внимателна во однос на проектираните очекувања за туристичката сезона за оваа година.Притиснати од товарот на  минатогодишниот неуспех алармираат дека  овојпат треба многу повеќе да се работи на сликата за состојбата во земјава која се создава кај потенцијалните гости од странство.

„ Затоа е важно да се направи добра промоција на Македонија како безбедна дестинација. Важно е и да започне вакцинацијата за заштита од вирусот, бидејќи тој процес ќе влее поголема доверба кај странските оператори’’, вели Владимир Граматиков, претседател на Туристичко- угостителскатата комора при Сојузот на стопански комори на Македонија вели во интевју за „Локално.

Предупредува дека постои голема веројатност дека ќе се повтори крахот од минатата година  доколку не се превземат неколку чекори: подобро менаџирање на здравствената криза во земјава,  превземање соодветни чекори за промоција на Македонија и  работење  на развојот на домашниот туризам.

Најголем губитник во пандемијата и кај нас и секаде во светот е туризмот. Странски гости немаше а домашните се броjат на прсти. Имате ли чувство на оптимизам дека работите годинава треба и можат да тргнат на подобро, дека и во услови на КОВИД, туризмот може да даде добри резултати?

-Колку сериозно е погоден секторот туризам од ковид кризата покажува податокот на Заводот за статистика според кој во 2020 година, во однос на 2019 година, бројот на туристите е намален за 60.5 отсто, при што намалувањето кај странските  туристи е 84.4 отсто. Но колку и да беше тешко во изминатиот период, туристичките работници сега имаат некаков оптимизам дека конечно работите ќе почнат да се менуваат на подобро. Се надеваме дека наскоро ќе започне долгоочекуваната вакцинација и во Македонија со што ќе се олесни движењето и протокот на патници. Туризмот е значајна гранка за нашата економија која поддржува и стимулира многу други пропратни дејности и работни места, a статистичките податоци од изминатите години пред кризата, покажуваа константен пораст на бројот на туристи и зголемен девизен прилив.  Затоа и сметаме дека овој сектор може да даде значаен придонес во опоравувањето на целокупната економија, доколку се создадат услови за негово повторно заживување.

Ќе барате ли од  Владата заеднички да креирате план како да се привлечат туристите од странство и уште повеќе како да се зголеми потенцијалот на домашниот туризам?

-Ние како комора постојано укажуваме на тоа дека треба интензивно да се работи на промоција на Македонија како безбедна туристичка дестинација, да се промовираат протоколите, да покажеме на туристите дека не треба да стравуваат да го поминат својот одмор во нашата земја. Треба да истакнеме дека минатата година докажавме дека сме спремни безбедно да примиме туристи и во период на пандемија. Целиот ланец на услуги во туризмот (хотели, угостители, транспортни компании) строго ги почитуваа здравствените протоколи и безбедно ја поминаа сезоната, но главно со домашни туристи. Останатите држави веќе прават кампањи  и затоа мора што што побрзо соодветните институции да работат на промоција на Македонија бидејќи летната сезона е многу блиску. Покрај промоцијата, од голема важност е дефинирањето на моделот за субвенции за чартери, со што нашата дестинација ќе стане поконкурентна. Исто така е важно со државите од каде традиционално имаме поголем број на туристи или каде летуваат нашите граѓани однапред да се дефинираат условите под кои ќе може да летува во однос на ковид тестирањето и вакцинирањето.  Граѓаните веќе ги планираат своите летни одмори така што би било многу значајно да знаат каде и под кои услови може да патуваат. Со тоа и туристичките агенции ќе може да ја планираат својата понуда, а и сместувачките капацитети соодветно да се подготват. Исто така баравме од Владата да се активира Комитетот за туризам и да се постави соодветно раководство на Агенцијата за туризам кои ќе може да креираат соодветни политики за искористување на потенцијалот на овој сектор.

Колку туристичките работници се подготвени да се прилагодат на новите услови на работа во пандемија, да се модернизираат  и да се преструктуираат, наместо да се чека државна помош, и зошто не ?

-Туристичките работници веќе покажаа голема флексибилност во оваа криза, и направија огромни напори за да бидат конкурентни и да вратат барем дел од туристите. Се организираат onlinе средби со странски тур оператори, се учествува на online туристички саеми, се подобрува ИТ инфраструктурата и начинот на рекламирање (повеќе онлине пристап). Исто така зголемена е и соработката во рамки на секторот каде се разменуваат повеќе информации и се прилагодуваат аранжмани за да може заеднички да се постигнат поголеми ефекти. Не го делиме ставот дека туристичките работници само чекаат помош од државата, напротив прават се што е во нивна моќ за да ја подобра состојбата во која се наоѓаат и да ја задржат деловната активности што воопшто не е лесно во овие услови.

Се приближува 8-ми Март, а потоа следи Велигден. Дали и колку сме подготвени за туристички посети во  некои од нашите туристички центри со оглед на КОВИД ситуацијата?

-Туристичкиот сектор е спремен за туристички посети. Минатата година успешно се спроведоа протоколите, гостите кои престојуваа во хотелите беа задоволни. Оваа година сме со поголемо искуство за справување во вакви ситуации и верувам дека како дестинација сме спремни и имаме што да понудиме на странските туристи.

Дали може да ни се повтори минатогодишниот крах во туризмот?

-Веруваме дека се уште има  можност туристичката сезона за оваа година да не го доживее неуспехот од минатата година. Но тоа многу зависи од сликата за состојбата во земјава која се создава кај потенцијалните гости од странство. Затоа е важно да се направи добра промоција на Македонија како безбедна дестинација. Важно е и да започне вакцинацијата за заштита од вирусот, бидејќи тој процес ќе влее поголема доверба кај странските оператори. Доколку здравствената криза во земјава не се менаџира подобро и не се превземат соодветни чекори за промоција на Македонија и не се работи на развој на домашниот туризам постои голема веројатност дека се се повтори крахот од минатата година.

Во обид да се спаси и летната и зимската сезона и да се намалат штетите од пандемијата, беа воведени ваучерите за туризам но за оваа година тие се “на чекање”. Каде ги лоцирате проблемите зошто не се оствари очекуваниот ефект од ваквата мерка?

-Ваучерите за поддршка на туризмот не ги дадоа очекуваните резултати, бидејќи во планирањето и имплементацијата на оваа мерка имаше неколку предизвици. Еден од проблемите беше тоа што ваучерите можеа да се искористат директно во хотелите, а не преку агенциите. Туристичките агенции се оние кои на некој начин посредуваат помеѓу патникот и хотелот, и нивната инволвираност ја зголемува флексибилноста со што ја направи понудата подостапна. Со тоа и туристичките агенции ќе добијат можност да остарат одреден бенефит од оваа мерка. Друг проблем е тоа што голем дел од семејствата кои добија ваучери имаат навистина мали примања, а добивањето на ваучер и не е доволно за да можат да го покријат вкупниот трошок кој го имаат за годишен одмор.

Како ги  менаџираат туристичките посети во услови на коронавирус другите држави?

Секоја држава во зависност од особеностите ја креира својата туристичка понуд и разработува модели за привлекување на туристи. Некои држави гарантираат бесплатно лекување во случај туристите да заболат од ковид за време на нивниот престој (Турција). Светски познати дестинации надоместуваа дел од цената за превоз и сместување (Сицилија), Мексико за секои две ноќи во хотел нудеше една ноќ бесплатно и попусти на авиокарти и слично.

К.В.С.

Слични содржини