Грчката полиција уапси три лица, од кои две осудени за учество во анархистичко-терористички организации

од Берта Китинска

Калашников, автоматски митралез и пиштол полни со куршуми, ракавици, маски, биле пронајдени во украдениот автомобил во кој се превезувале три лица кои рано утрово се уапсени од секторот за борба со тероризам на грчката полиција, а се поврзани со грчки анархистичко-терористички организации, јави дописничката на МИА од Атина.

Од уапсените три лица (еден 32-годишен маж и две жени на возраст од 26 и 28 години), двајца ѝ се познати на грчката полиција. Мажот во јуни минатата година побегнал од затвор, а е осуден за низа криминални дела, меѓу кои и учество во терористичката организација „Заговор на огнените јадра“, но и за двоен грабеж на банка.

За уапсената 28-годишна жена е донесена пресуда за затворска казна поради учество во терористичката организација „Револуционерна борба“.

Според грчките медиуми, полицијата веројатно ги пресретнала и спречила да извршат вооружена кражба, имајќи предвид дека оружјето било подготвено за употреба, тројцата имале фалсификувани лични карти и носеле медицински ракавици, а во автомобилот, украден пред три дена, биле пронајдени и клучеви, облека, но и радиостаница наместена на каналот на грчката полиција.

Како што соопштија од полицијата, по извршениот увид, било утврдено дека пронајденото оружје не било употребено во некое криминално дело, додека, пак, ДНК анализата покажала дека 32-годишниот маж учествувал во вооружена кражба на банка кон крајот на август минатата година кога беа одземени 150.380 евра.

Слични содржини