Грчки експерти: Потребно е подетално да се испита односот помеѓу коронавирусот, вакцините, лековите и полот

од Stefanija Kuzmanovska

Веќе е познато дека ковид 19 не ги погодува двата пола во иста мера: ширум светот, на секои 10 жени примени на одделот за интензивна нега, доаѓаат 18 мажи, а на секои 10 жени кои умираат од оваа болест, 15 мажи го губат животот , но има и други значителни разлики, објави атинската РТВ СКАИ.

Со тоа се занимаваат лекарите на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Атина, Теодора Псалтопулу, Панос Маландракис, Јанис Данасис и Танос Димопулос, кој е и ректор на тој универзитет.

Тие ја анализираат медицинската литература и базите на податоци на меѓународните организации кои се систематски збогатени со податоци за новиот коронавирус (САРС-Ков-2) и болеста ковид 19 која тој ја предизвикува.

Четворицата професори известуваат дека веќе има разлика во стапката на вакцинација меѓу двата пола во САД, која изнесува шест процентни поени. Исто така, беше откриено дека жените имаат поголема веројатност да имаат несакани ефекти од вакцината на АстраЗенека, додека помладите мажи имаат несакани реакции по приемот на вакцината mRNK.

Грчките професори нагласуваат дека овие несакани ефекти се скоро секогаш благи и целосно се реверзираат. Тие исто така велат дека природната историја на ковид 19 кај мажи и жени не е соодветно анализирана.

Од 45 студии за коронавирус кои се засноваат на случаен примерок, само осум пријавиле родно специфични резултати. И во голем број други анализи, само 14 од 121 се обиделе да утврдат поврзаност помеѓу полот на заразеното лице и текот на болеста.

Така, неодамнешното истражување на лекот „тоцилизумаб“ покажа дека на оние пациенти на кои не им треба механичка вентилација, тој лек им го намалува ризикот од интубација или смрт, но само кај мажи, додека не бил корисен за жените.

Сепак, податоците не се доволни за да се потврди разликата помеѓу двата пола. Грчките професори навеле дека во базите на податоци од 198 земји во светот, само 37 проценти содржат податоци за полот на мртвите, а само 18 проценти содржат податоци за вакцинација и пол.

Врз основа на тоа, се чини дека е потребно подетално да се испита односот помеѓу коронавирусот и полот во студиите и базите на податоци, го пренесе РТВ СКАИ заклучокот на професорите кои продолжуваат да работат на тоа.

Слични содржини