Грчки новинар брутално убиен пред својот дом со 10 куршуми

од Vladimir Zorba

Новинарот Јоргос Караиваз беше убиен во петокот пред неговиот дом со десет куршуми во градите и главата. Грчката јавност е шокирана, политичарите и новинарските здруженија во Атина реагираат огорчено.

„Сè се случи многу брзо, за 15 секунди“, рече сведок на убиството на грчкиот новинар Караиваз во петокот, на 9 април 2021 година.

Работник, кој беше во близина на местото на злосторството во петокот попладне, го опиша ладнокрвното убиство во јужните предградија на грчката престолнина Атина на телевизискиот канал АНТ1.

Сведокот вели дека работел со двајца колеги во паркот пред куќата во која живеел новинарот. Слушнале пукање, се свртеле – и го виделе убиецот како испукал фатален истрел кон Караиваз. Тогаш двајца маскирани мажи се качиле на мал мотор и исчезнале.

Според полицијата, Караиваз бил застрелан од „чист“ пиштол, непознат за полицијата, калибар 9 милиметри. Десет куршуми го погодиле во градите и главата, а на самото место биле пронајдени 13 чаури, пренесува Дојче веле.

Грчките безбедносни служби претпоставуваат дека нарачаното убиство го извршиле професионални убијци, изјави полициски портпарол. Се трага по сторителите и нивните клиенти „во сите насоки“.

Шокираност изрази и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.

Микотикис бара брзо расветлување на случајот

Вакви убиства се многу ретки во Грција. Јавноста и медиумските работници се шокирани.

Насловото во весникот „Демократија“ денес беше „Добредојдовте во Мексико“. „Станавме Колумбија на Балканот“, гласи насловната страница на дневниот весник „Контра новости“.

Премиерот Кирјакос Мицотакис го покани министерот за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис во неговиот кабинет.

„Ладнокрвното убиство на новинарот Јоргос Караиваз го шокираше целото општество“, рече Мицотакис преку Твитер и повика на расветлување на случајот што е можно побрзо.

Убиства на новинари се многу ретки

„Убиството на Караиваз е ужасно злосторство“, рече одговорниот министер Хрисохоидис по средбата со премиерот и вети дека виновниците „наскоро ќе бидат фатени, како што е обичај во грчката полиција“.

„Грчката држава посветува посебно внимание на слободните медиуми“, додаде министерот.

Во исто време, Хрисохоидис истакна дека Грција има една од најниските стапки на убиства во Европа и дека Атина е безбеден град. Се разбира, има злосторства и убиства во оваа земја-членка на ЕУ, но убиството на новинари е реткост.

Единствената слична жртва на убиство во последните децении, од крајот на диктатурата во Грција, е репортерот Сократис Голиас – тој беше застрелан пред неговата куќа во 2010 година. Неговите убијци никогаш не беа пронајдени.

Караиваз не се чувствувал загрозен

Јоргос Караиваз, 52, беше искусен полициски репортер. Со децении работел за неколку познати весници и радија, а неколку години го водеше и блогот за вести bloko.gr. Тој беше еден од ретките истражувачки новинари во својата професија, важел за љубезен колега и мирна личност.

Караиваз не се чувствувал загрозен. Според властите, тој никогаш не поднел барање за дозвола за оружје, па дури и за полициска заштита.

Сепак, Караиваз во последно време многу известувал за мрачните работи на корумпираните службеници со подземјето – затоа притисокот на јавноста врз властите за брзо решавање на убиството е доста голем.

„Се лаже оној кој мисли дека ќе ги замолкне новинарите на овој начин“, истакна Марија Антониаду, претседател на Атинското здружение на новинари, во често цитираната изјава за медиумите. Антониаду беше на местото на настанот кратко по убиството. Само во нивното здружение се организирани уште 6.099 новинари „кои ќе продолжат да истражуваат“.

„Никој нема да запре со новинарската работа во Грција “, рече Марија Антониаду.

Слични содржини