Грчко книжевно списание објави портрет на Блаже Конески

од Aleksandar Petrovski

Грчкото месечно електронско списание за литература „Карта“ (“Χάρτης”, Νο.18, Ιούνιος 2020) објави извонреден портрет на Блаже Конески насловен „Житија на Блаже Конески“ ( Συναξάρια του Μπλάζε Κόνεσκι ), проследен со преводи на седум песни од поетската ризница на нашиот најистакнат книжевник и лингвист, именувајќи го „корифеј на духовниот живот на соседна Северна Македонија“, напиша на Фејсбук, писателот Томислав Османли.

Уредништвото изразува жалење што преводите се посредувани, направени преку англиски преводи на поезијата на Конески, додавајќи: „бидејќи не знаеме македонски, а со цел песните на Конески да стигнат до грчкиот читател, овој избор беше направен и покрај неговите очигледни ограничувања“.

Пријателски интонираниот текст – илустриран со сјајниот портрет на академик Конески, дело на академик Данчо Калчев – завршува со изразување надеж „дека наскоро ќе има преведувачи кои ќе се заложат да ја препорачаат работата на Конески во нашата земја директно од оригиналот“.

Независно од напишаното, преводите се многу добри. За поздравување се, особено, благородните намери што стојат зад оваа бележита објава на нашите грчки колеги по чисто книжевно перо и по искрена καλοκαγαθία.

Слични содржини