Греењето нема да биде скратено, парно ќе има и по полноќ

од Берта Китинска

Од денеска АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ќе го преземат управувањето со БЕГ и со „Скопје Север“.

Со тоа ќе се спроведе владината одлука донесена неодамна, со цел да се реши проблемот со парното затоплување во главниот град. Најавите се дека од петок ќе има парно греење до 1 часот по полноќ.

– Согласно овој договор, БЕГ ќе го стави на увид на АД ЕСМ целокупното свое деловно работење до денот на склучување на овој договор, а од денот на склучување на овој Договор ќе му даде согласност на АД ЕСМ да управува со сите деловни активности на БЕГ, со сите трансакциски сметки, како и со наменската сметка која што БЕГ ќе ја отвори исклучиво за потребите на овој Договор за деловно техничка соработка, соопшти вчера владината Прес-служба.

Министерот за економија, Крешник Бектеши увери дека нема да има рестрикции.

Греењето нема да биде скратено, туку ќе работи до 1 после полноќ. Не верувам дека ќе биде намалена топлината, според правилата, мора да биде 20,1 степен, рече Бектеши.

-ЕСМ треба да го достави предлог договорот за деловна соработка со БЕГ. Согласно одлуката за прогласување на кризна состојба, дополнително ќе вбризгаме средства во ЕСМ, за да се справат со кризата и за да управуваат со компаниите. Од утре ЕСМ ќе управува со трите БЕГ, се со цел скопјани да имаат топлинска енергија и тоа ќе биде до крајот на грејната сезона. Договорот ќе го достави ЕСМ, кажа вчера Бектеши.

Слични содржини