Грета Тунберг ја тужи шведската влада

од Nikola Popovski

ГРУПА од повеќе од 600 шведски млади луѓе, вклучувајќи ја и активистката за животна средина Грета Тунберг, ја тужеа владата на земјата затоа што не направила доволно за да се справи со климатската криза.

Во петокот, демонстрантите со поддршка од младинската организација Аурора маршираа низ шведскиот главен град за да поднесат групна тужба до Окружниот суд во Стокхолм. Групата сака судството да донесе одлука дека Шведска ги прекршила човековите права на своите граѓани водејќи несоодветна климатска политика.

– Ние сме 636 млади луѓе во Аурора кои ја тужат шведската држава за недоволна климатска акција – напиша Тунберг во четвртокот на Твитер, додавајќи дека „кога државата спроведува климатска политика која ги загрозува нашите човекови права, го крши законот“.

Подоцна, таа, исто така, истакна дека „Црниот петок“, кој го означува почетокот на божиќната шопинг сезона, но исто така е симбол на прекумерното трошење, е „совршен ден да се тужи владата“ поради климата.

– Значи тоа е она што го направивме. Се гледаме на суд! – додала Грета.

Пред тужбата, Аурора напиша отворено писмо до неколку високи шведски функционери, вклучително и премиерот Улф Кристерсон и министерката за клима Ромина Пурмохтари, барајќи, меѓу другото, Шведска да „го преземе својот фер удел“ во намалувањето на емисиите на стакленички гасови со цел да се ограничи зголемувањето на глобалните просечните температури до 1,5 степени Целзиусови (2,7 F) во споредба со прединдустриските нивоа.

Според законот за климата што Шведска го усвои во 2017 година, од националните власти се бара да дадат се од себе за да ги намалат емисиите на стакленички гасови со цел да достигнат нето нула до 2045 година.

Сепак, новата шведска влада формирана во октомври го укина Министерството за животна средина со широко критикуван потег, додека неговите должности ги префрли на Министерството за претприемништво и иновации. Неговиот нов буџет беше критикуван и за мерките кои би можеле да ги зголемат емисиите од транспортниот сектор.

Во 2019 година, Врховниот суд на Холандија ја потврди одлуката со која и се наложува на владата да стори многу повеќе за намалување на емисиите на јаглерод, инсистирајќи на тоа дека има обврска да ги заштити човековите права на своите граѓани во услови на климатски промени, објави „RT“.

Слични содржини