Грковска-Мојсовски: Неопходна е ревизија на моделот за спортските ваучери

од Nikola Popovski

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска во просториите на Агенцијата за млади и спорт имаше работна средба со директорот Наумче Мојсовски, на која се разговараше за потребата од сеопфатна анализа на законската регулатива во спортот и креирање на политики за добро владеење кои ќе ја зголемат транспарентност при носењето на одлуките во спортските клубови и федерации и отчетност при користење на јавните средства.

На состанокот вицепремиерката Грковска истакна дека е неопходна ревизија на моделот за примената на спортските ваучери. Беа разгледани надлежностите на Агенцијата за млади и спорт, но и на спортските федерации при распределбата на финансиските средства на клубовите и спортистите. Грковска на состанокот ја нагласи потребата од задолжителна транспарентност и отчетност при користење на јавните средства.

Директорот Наумче Мојсовски на состанокот истакна дека е потребно да се зајакнат инспекциските капацитети на Агенцијата, со цел да се зголеми надзорот врз спортските организации. Досегашната пракса покажува дека дел од спортските субјекти не работат транспарентно и отчетно, а тоа негативно се одразува на легитимитетот и кредибилитетот на спортскиот дух.

На состанокот беше отворено прашањето и за најавената реорганизација на органите на државната управа.

Слични содржини