Грковска: Законот за заштита на укажувачи – механизам кој ќе ја зајакне демократијата во општеството

од Vladimir Zorba

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, денеска се обрати на конференцијата на тема „Пет години од имплементацијата на Законот за укажувачи”, организирана од „Транспаренси Интернешнл Македонија”. На конференција вицепремиерката Грковска во својот говор се осврна на значењето на Законот во борбата против корупцијата, но и на важната улога што укажувачите ја имаат при зајакнување на демократските капацитети на општеството.

„На Законот за заштита на укажувачи не треба да се гледа само како на алатка во борбата против корупцијата, туку и како механизам кој ќе ја зајакне демократијата, владеење на правото, конкурентноста и општеството во целина. Пет години од имплементација на Законот е вистински период во кој може да се воочат сите предности, но истовремено и сите слабости. И една ваква работилница е одлична можност низ отворена дискусија, од личните искуства, да се најден начин како овој Закон подобро да се имплементира. Укажувачите се чувари на јавното добро, тие се важен елемент во заштитата од сите форми на злоупотреби. Да потсетам дека благодарение на две лица со интегритет, професионалци во својата област кои буквално го ставија својот живот на коцка, успеавме да ја откриеме најголемата злоупотреба на системот и најголемото непочитување на човековите права и злоупотреба на приватноста”, порача вицепремиерката Грковска.

На конференција Грковска ја истакна и важноста од подигнување на свеста за јавното добро и општественo одговорно кај секој поединец во општеството.

„Ние за жал, во трката што ја носи модерното време, како да го изгубивме чувството дека треба да се грижиме за општественото добро. Тоа што се случува во изминатите години, во одредени области е за поздравување, меѓутоа мислам дека има уште многу простор за работа за да ги воспоставиме принципите за тоа што значи добро владеење, што значи општествена одговорност и како сите ние како граѓани треба да се однесуваме”.

Заедно со вицепремиерката Грковска на конференцијата се обратија и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, Народниот правобранител Насер Зибери, а модератор и домаќин на конференцијата беше Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси Интернешнл Македонија”.

Слични содржини