Грција поднесува протест до Србија: Не го пријавила карактерот на товарот на авионот кој се урна

од Stefanija Kuzmanovska

Атина најави дека ќе поднесе протест бидејќи претходно требало да има информации од Белград за карактерот на товарот на украинскиот авион Антонов Ан-12БК, кој полета од Србија и се урна во саботата во областа Кавала, пренесува „Катимерини“, повикувајќи се на дипломатски извори.

Наведено е дека по наредба на министерот за надворешни работи Никос Дендиас, амбасадорот на Грција во Србија ќе го достави соодветниот демарш, во врска со потребата Белград да ја информира грчката страна за карактерот на товарот на авионот.

Забележано е дека во првите часови по падот на Антонов имало конфузија и околу товарот на авионот и околу неговата крајна дестинација, пишува грчкиот весник.

Поради тоа, областа околу местото на несреќата била евакуирана неколку часа, а работата на противпожарната служба била прекината поради стравувањата дека авионот превезувал опасен товар.

Посебна загриженост беше непознатата бела супстанца пронајдена околу украинскиот товарен авион Антонов Ан-12БК, а грчките воени и полициски претставници изјавија дека е можно белиот прав да потекнува од три извори (или некои од нив) и не претставува никаков ризик.

Српскиот министер за одбрана Небојша Стефановиќ во неделата наутро изјави дека товарот на авионот е произведен од српската одбранбена индустрија.

Авионот полетал од Ниш во Србија во саботата, а купувач на товарот е Министерството за одбрана на Бангладеш.

Во оваа област сега има членови на баталјонот за деминирање на грчката армија кои работат на отстранување и/или неутрализирање на муницијата што била расфрлана на долги растојанија од авионот.

Се очекува оваа работа да трае неколку дена, а поради тоа забраната за сообраќај ќе остане на подрачјето, наведува „Катимерини“.

Слични содржини