Грција: Сите рестриктивни мерки во иднина ќе важат за невакцинираните лица

од Nikola Popovski

Грција нема пари за уште една изолација и затоа во иднина сите забранети мерки што ќе бидат донесени ќе важат за невакцинираните.

-Немаме пари за уште една изолација и повеќе не можеме да и помогнеме на економијата со економски пакети, вели министерот за развој Адонис Георгијајадис. Ако пристигне нов бран на пандемија наесен, нашите финансии завршија, драматично додал Георгијајадис, поради сериозната загриженост на владата за можен нов бран на коронавирус во септември.

Повеќе нема да има т.н. хоризонтална изолација, но сите забранувачки мерки што ќе бидат донесени ќе важат за невакцинираните, кои повеќе нема да добиваат парична помош. Економијата и целото општество повеќе нема да одат во карантин, заради оние кои одбиваат да примат вакцина, што им е достапна на сите, предупреди вицепремиерот Акис Шкерцу.

Така, од понеделник, 5 јули, вакцинираните со сертификат продолжуваат да патуваат слободно на островите, додека за останатите останува задолжителниот ПЦР тест не постар од 72 часа, брзиот тест не постар од два дена или потврдата за прележан Ковид-19. Деца на возраст до 12 години патуваат слободно, при што на сите им се препорачува да прават т.н. self-тест, после враќањето дома.

Засега, кога станува збор за движењето во копното на Грција, се проучува епидемиолошката состојба, според која може да се преземат некои нови мерки.

Од 15 јули во угостителскиот сектор важат правилата за „чисти“ и „мешани“ ресторани и кафулиња, кои се огорчени поради најавените мерки за поделба на клиентелата на вакцинирани и „други“.

Епидемиолошката слика се менува затоа што бројот на заразени расте, тој е веќе близу 800 на ден, што е загрижувачки пораст бидејќи, на пример, во јуни бројот на пациенти се намали за 75 проценти и смртните случаи за 50 проценти во споредба со претходните месеци

Болеста главно ги погодува младите на возраст меѓу 18 и 34 години, но индексот на позитивност сè уште останува околу 1,2 проценти. Кризниот штаб смета дека причина за тоа е релаксацијата по седум месеци карантин, но и присуството на делта сојот, што е регистриран во 54 случаи досега.

Во август се очекува да има нови случаи на инфекција со новиот сој, па епидемиолозите размислуваат за нови мерки за запирање на неконтролираното ширење.

Повеќе од 30 проценти од Грците досега примиле две дози вакцина. Владата на Мицотакис избегнува директен притисок врз сонародниците, но со мерките што ги носи, им дава до знаење дека вакцинацијата е единствениот начин да се заштитат.

Слични содржини