Груби – Абдрахманов: С. Македонија е пример за почитување на правата на заедниците

од Nikola Popovski

Првиот вицепремиер на Владата и министер за Политички систем и односи меѓу заедниците, г. Артан Груби денеска оствари средба со високиот комесар на ОБСЕ одговорен за малцинските прашања, амбасадорот Каират Абдрахманов.

На оваа средба Груби и Абдрахманов разговараа за човековите права и слободи за кои Република Северна Македонија може да се земе како пример не само во регионот, туку и пошироко.

Груби му рече на комесарот Абдрахманов дека Северна Македонија го имплементирала Охридскиот договор, од кој имаат произлезено правата и слободите за сите не мнозински етнички заедници во земјата. Покрај Охридскиот договор, Груби и Абдрахманов разговараа и за Преспанскиот Договор и Договорот за добрососедство со Република Бугарија.

Првиот вицепремиер Груби предложи формирање на Институт за спречување конфликти во склоп на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во тесна соработка со Канцеларијата на ОБСЕ за промовирање на позитивните практики од Охридскиот Рамковен Договор, во кој случај комесарот Абдрахманов со ентузијазам ја прифати оваа иницијатива за соработка.

На комесарот Абдрахманов, првиот вицепремиер Груби му ги истакна и приоритетите на Владата, а тоа се активностите што Република Северна Македонија треба да ги преземе сега пред почетокот на преговорите за членство во Европската Унија.

Груби и Абдрахманов разговараа и за улогата на ОБСЕ во сите демократски процеси, но и за предизвиците и предностите што ќе ги има Северна Македонија за време на претседавањето со ОБСЕ.

Претседавањето со ОБСЕ за Република Северна Македонија претставува трансформациски процес бидејќи со овој чекор ние стануваме придонесувачи на политиките ширум светот.

Слични содржини