Груби: Реорганизацијата на државните органи е обврска кон граѓаните на ова општество

од Vladimir Zorba

„Модернизацијата и деполитизацијата на државната администрација, врз основа на најдобрите практики, резултира со зголемена мотивација и креативност на вработените, продуктивност во јавниот сектор и задоволство на граѓаните. Токму од тие причини, во многу земји-членки на ЕУ редовно се разгледуваат улогите и одговорностите на државните органи со една единствена цел – да се поедностави организацијата на државната администрација“, соопшти првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој денеска учествуваше на Конференцијата „Први чекори кон реорганизација на државата“, организирана од Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со Европската Унија.

Истите практики, продолжи тој, се примерот што го следевме при планирањето на процесот на реорганизација во нашата земја.

„Реформите во државната администрација значат и создавање професионална култура во самите институции што ќе придонесе за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните преку обезбедување квалитетни јавни услуги и поголеми резултати. Реорганизацијата на државните органи пред се е обврска кон граѓаните на ова општество. Се подразбира дека очекуваат и заслужуваат квалитетни јавни услуги по пониски трошоци. Затоа, секоја ефикасна државна администрација подразбира целосен и ефикасен одговор на токму таквите очекувања. Заработување и одржувањето на довербата на граѓаните значи државна администрација која се придржува до основните принципи на владеење на правото, интегритет и непристрасност, отвореност, ефикасност и одговорност“, истакна тој.

Слични содржини