Груби – Тигањ: С.Македонија ја очекуваат уште поголеми реформи и преговорите со Европската Унија

од Aleksandar Petrovski

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска оствари средба со хрватската амбасадорка Нивес Тигањ, на која било порачано дека Република Северна Македонија ја очекуваат уште поголеми реформи и преговорите со Европската Унија, каде што Хрватска, како и секогаш, е подготвена да помогне во сите фази.

На средбата Тигањ и Груби, како што информираат од неговиот кабинет, оцениле дека Северна Македонија се движи според европските вредности и Хрватска во оваа прилика ќе продолжи активно да ја поддржува нашата земја во процесот на евроинтеграцијата, во пресрет на почетокот на преговорите со ЕУ.

Хрватската амбасадорка Тигањ, се вели во соопштението, посочила и дека функцијата прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците е една од клучните функции во Република Северна Македонија.

Груби се заблагодарил за големата и пријателска поддршка од Република Хрватска во демократските и евроатлантските процеси на земјата.

Тој, исто така, ја истакнал борбата против корупцијата и организираниот криминал како апсолутен приоритет и предуслов за институционален кредибилитет и економски развој, но и европска интеграција.

На средбата, стои во соопштението, заеднички е заклучено дека напредокот на земјата, особено на патот кон Европската Унија, бара одговорен однос од сите чинители, со цел земјата подобро да пристапи кон разговорите со Европската Унија.

Слични содржини