Груевски: Никогаш во животот не сум имал комуникација со Боки 13

од Vladimir Zorba

„Во врска со во последно време распространетите шпекулации дека сум имал некакви средби со лицето Бојан Јовановски во Будимпешта, а во контекст на случајот „Рекет”, сакам да демантирам дека тоа е неточно. Според таа неверојатно измислена приказна, излегува дека јас сум ја контролирал и актуелната влада, нивни високи функционери и нивната верна 1Тв, која патем речено мене континуирано и најжестоко ме критикуваше…“, пишува бегалецот од правдата и екс премиер Никола Груевски.

„Вистината е дека никогаш во животот не сум го сретнал ниту сум имал било каков посреден или непосреден контакт или комуникација со лицето Бојан Јовановски.

Бидејќи во шпекулативните приказни се спомнува и името на претседателот на Р.Србија, Александар Вучиќ, како и некакви српски служби, демантирам било каква комуникација со г. Вучиќ на оваа тема, било кога, или било каква соработка со српски или било чии други служби на било која тема.

Ако досега покрај политичкиот прогон, речиси секојдневно се соочувам и со изнесување лаги, шпекулации, клевети, невистини, манипулации, притисоци, малтретирања и уцени на мои блиски соработници за изнудување нивно лажно сведочење против мене и сл., можам само да замислам што се’ ќе следува и што треба да очекувам во следните три месеци до изборите.

Народот треба да внимава за што и кому ќе верува. Актуелната власт во заминување ќе ги искористи сите нечесни и незаконски методи за да остане на власт користејќи лажна пропаганда која ќе има задача да шири лаги и невистини, ќе дава лажни ветувања на гласачите, ќе врши притисоци и уцени, ќе отвораат и водат лажни политички мотивирани истраги, ќе поднесуваат исто такви обвиненија, ќе врши притисоци за нарачани пресуди, ќе апсат неистомисленици и ќе одат дотаму што ќе врши масовен поткуп на гласови до обиди за лажирање на изборите“, вели Груевски.

Слични содржини